Пред точно 50 години, на 24 декември 1968 година, направена е една од најважните фотографии во историјата.
Имено, токму тогаш астронаутот Вилијам Андерс, во рамки на мисијата „Аполо 8“, која кружела околу Месечината, го насочил објективот од својата камера кон Земјата.
Фотографијата што ја направил го добила името Earthrise (Издигнување на Земјата) и ја покажува планетата како што може да се види од Месечината.
Станува збор за важна фотографија која му овозможи на човештвото за првпат во историјата да ја види нашата планета од големо растојание. Луѓето тогаш првпат виделе како изгледа Земјата од далечина – како жив организам во мрачната бесконечност на универзумот, ранлив и со ограничени ресурси.
Оваа фотографија кај многу луѓе предизвикува силно чувство за тоа колку е безначајно секојдневието, границите меѓу државите, конфликтите и политиката – Земјата за нас е посебна бидејќи тоа е планетата на која живееме, а кога ќе видиме колку е осамена во огромниот простор, тоа нè тера да размислуваме како е човештвото толку поделено.
Како што рекол астронаутот Џим Ловел за време на преносот на мисијата „Аполо 8“: „Оваа голема и стравотна осаменост предизвикува стравопочит и ве прави да се чувствувате благодарни за тоа што ја имаме Земјата“.
Текстот Пред 50 години е направена една од најважните фотографии во историјата на човештвото (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.