Филмот „Жикина династија“, кој има дури десет продолженија, пред неполн месец одбележа 41 година од премиерата на првиот дел, „Луде године“. Последниот филм, пак, е снимен 1992 година.
Режисер на сите десет филмови е Зоран Чалиќ, кој починал пред две години на 83-годишна возраст, а сценарист е Јован Марковиќ. Како резултат на популарноста на приказната за двајцата тинејџери кои ги рушат табуата за бракот, бременоста и абортусот во Југославија, режисерот решил да направи и втор дел, „Дошло доба да се љубав проба“.
Чалиќ е единствениот режисер од овие простори што направил десет продолженија од филм со истата актерска екипа. Критиката не му била многу наклонета, но публиката ги обожавала филмовите и хуморот, како и животните приказни на Жика и Милан.
Третото продолжение е „Љуби, Љуби ал’ главу не губи“, а по него следи „Какав деда, такав унук“. По само девет месеци премиера има и петтиот дел, „Иди ми, доѓи ми“. Шестиот дел е насловен „Шта се згоди кад се љубав роди“, а седмото е конечно наречено „Жикина династија“. Следниот дел е „Друга Жикина династија“, деветтото продолжение е филмот „Сулуде године“ и последниот, десетти филм е „Жикина женидба“, сниман 1992 година.
Следната година починал Драгомир Бојаниќ – Гидра, односно Жика Павловиќ, по што престанале да се снимаат филмови.
„Никој не може да го замени“, рекол режисерот Чалиќ.
Покрај Гидра, главните улоги во филмот ги толкуваат Јелена Жигон и Марко Тодоровиќ, како Јелена и Милан Тодоровиќ. Една од малкуте промени во актерската екипа е заминувањето на актерката Дара Чалениќ за Америка. Таа ја толкува улогата на сопругата на Жика, Дара, која во филмот умира како последица на пад додека чисти прозорци. На нејзино место доаѓа актерката Весна Чипчиќ, која ја толкува „фрау Елза“.
Во филмовите се појавува и вистинската сопруга на Гидра, актерката Лилјана Контиќ. Таа ја толкува улогата на професорката по музичко на Миша и Наташа. Риалда Кариќ ја толкува улогата на Марија. Таа имала само 14 години кога се снимал првиот дел, па нејзиниот прв бакнеж со машко е токму со актерот Владимир Петровиќ односно Боба. Ликот на Русинка Наташа го толкува Гала Виденовиќ и е единствениот лик без презиме. Всушност, повеќето ликови во серијалот ги носат своите имиња или презимиња.
Текстот Четириесет години од првата „Жикина династија“ е превземен од Reporter.mk.