На Месечината никнаа првите растенија

На Месечината никнаа првите растенија, што е прв пат некоја биолошка супстанција да израсне на тој сателит на Земјата, објави кинеската Национална вселенска агенција.

Семето на растенијата на Месечината беше донесено од страна на кинеската мисија „Чанг’е-4“, која е првата мисија на темната страна на Месечината, објави „Би-би-си“.

Растенијата претходно растеа на Меѓународната вселенска станица, но никогаш на површината на Месечината. Ова значи дека астронаутите би можеле да ја користат храната од сопствените насади во вселената, со што ќе ја намалат потребата да се вратат на Земјата за повторно да се снабдат со храна.

Кинеските државни медиуми во вторникот објавија дека од семките на памукот никнале првите растенија. Весникот на Комунистичката партија на Кина ги објави на „Твитер“ и првите фотографии од растенијата.

Покрај тоа, беше напишано дека ова е „првиот биолошки експеримент на човештвото на Месечината”.

Фред Вотсон, астроном од австралиската опсерваторија, изјави за Би-би-си дека ова се многу „добри вести“.

„Овој успех укажува дека можеби во иднина нема да има некои непремостливи проблеми за астронаутите да одгледуваат во контролирани услови сопствени насади на Месечината“, додаде Вотсон.

 

Текстот На Месечината никнаа првите растенија е превземен од USB.mk.