Осумгодишно момче од Индијана, кое било инспирација за да се донесе сојузниот закон кој на терминално болните им дава право да пробаат експериментални лекови, го украде шоуто за време на потпишувањето на актот.
Џордан Меклин од Индијана станал од инвалидската количка и стоел покрај масата на која американскиот претседател Доналд Трамп се потпишал на законот, пишува „Дејли мејл“.
Додека Трамп ги потпишувал документите момчето во повеќе наврати се обидувало да го прегрне. По неколкуте неуспешни обиди, Трамп го прегрнал и го бакнал во глава.
Претседателот му подарил и хемиското пенкало со кое го потпишал актот кој пред три години минал во Индијана по кампањата за лобирање која ја водела мајката на момчето, Лаура.
Трамп му дал на момчето и посебно признание.
„Да изгледав како тебе, ќе станев претседател пред 10 години“, изјавил Трамп коментирајќи дека има убава коса.
Џордан Меклин страда од Дишенова мускулна дистрофија, смртоносна болест поради која пациентите уште на 12-годишна возраст не можат да одат и завршуваат во инвалидска количка, а просекот на живот им е 25 години.
Неговата мајка пред три години слушнала за „право на обид“, а потоа лобирала кај законодавецот во Индијана да го усвојат ова право.
Потпретседателот Мајк Пенс, тогашен гувернер на Индијана, го потпишал законскиот предлог во 2015 година.
Во меѓувреме момчето почнало да користи лек за кој се верува дека го забавува напредувањето на неговата болест.
„На пациентите со терминални болести треба веднаш да им се даде пристап до експерименталниот третман“, изјавил Трамп за време на обраќањето пред Конгресот.