Сузана Ницовски, која е Македонка по татко, е една од најбогатите жени претприемачи во Канада. Преку својата компанијата „Летни свежи салати “ (Summer fresh salads inc), досега заработила повеќе од 100 милиони долари. Целта на компанијата е продажба на свежи и здрави јадења на луѓето што немаат многу време за готвење, а сакаат да се хранат здраво.
Сузана ја отворила компанијата заедно со својата мајка во подрум во Онтарио, а денес тоа е огромна фабрика која произведува зеленчук што се продава во Канада и во Северна Америка. Во „Летни свежи салати“ има 300 вработени, кои ги подготвуваат јадењата со помош на 3000 рецепти што ги измислила Сузана.
„Го напуштив светот на корпорациите и дома со мајка ми почнавме да готвиме и сечкаме јадења во кујната. Храната отсекогаш била дел од моето семејство. Моите баба, дедо и вујко поседуваа ресторани, а мојот татко е инженер специјалист за опрема за готвење и производство на храна. Уште од мала обожавав да готвам домати на скара. Останатото е историја“, рекла Сузан.
Таа има дипломирано хемија, и во интервјуата вели дека преку хемиски процеси знае како да ја задржи свежината на салатите и на овошјето и по неколку дена, а притоа да не додава адитиви во храната. Нејзината компанија од продажба на салати неодамна достигна заработка од 100 милиони долари.
Ницовски досега има добиено неколку награди од индустријата за храна, меѓу кои и наградата за најиновативна компанија. Таа заедно со најуспешните македонски бизнисмени од земјава, но и од дијаспората е член на одборот „Македонија 2025“- асоцијација на бизнисмени и професионалци.
Текстот Македонка заработи 100 милиони долари од продажба на салати е превземен од Reporter.mk.