Научниците на НАСА неодамна првпат стапнале со нога на еден од најновите формирани острови на светот и откриле дека тригодишната копнена маса е прекриена со леплива, таинствена кал, но и вегетација и жив свет.
Вулканскиот остров се појавил пред три години во океанот кој ја окружува државата Тонга, а е дел од трите новонастанатите острови кои единствени во последните 150 години преживеале подолго од неколку месеци.
Физичарот и геолог, Ден Слејбек од НАСА Центарот за вселенски летови – “Godard”, некое време планирал да ја посети таа далечна локација, бидејќи научниците немаат доволно информации за тоа како и зошто се формираат нови острови.
Поради тоа научен тим на НАСА го посетил островот во октомври минатата година, откако претходно го проучувал користејќи само сателитски снимки, а на страните на НАСА се појавил интересен блог за искуствата на научниците при посетата.
Вулканскиот остров се појавил во 2015-та година и нема официјално име. Понекогаш го нарекуваат по имињата на соседните острови.
Слејбек и неговиот тим дошле на копното кое на сателитските снимки изгледало како црна, песочна плажа, но всушност станувало збор за материја по која било многу тешко да се оди.
Вегетацијата на островот почнала да се шири, а стотици морски птици таму граделе свое гнездо. Светлата и леплива кал која се простирала на островот ги збунила научниците, бидејќи не можеле да сфатат како настанала.
“На сателитските снимки гледате материјал со светла боја”, рекол Слејбек. “Станува збор за кал, за светла кал која е многу леплива. Поради тоа, иако ја видовме со сопствени очи, не знаевме за што станува збор. Уште не знаеме како настанала”.
Научниците собирале примероци од карпите за анализа на минерали, а со помош на дрон и прецизни GPS уреди ја мереле висината на островот. Со тие податоци, ќе креираат 3D карта од новиот остров во висока резолуција, а Слејбек и неговите колеги планираат следната година повторно да се вратат на островот и да го продолжат истражувањето.
Според првите проценки, островот би можел да преживее и до 30 години, пред да подлегне на силата на океанот.
Текстот Научниците на NASA збунети од калта на новонастанатиот остров (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.