Поместувањето на Северниот магнетен пол може да биде проблем за навигацијата

Северниот магнетен пол на Земјата се поместува кон Русија поради што би можело да има проблеми со мапите на смартфоните и навигациските системи, пишува CNN.

Северниот магнетен пол се користи за компаси, а за разлика од географскиот северен пол кој е фиксен, северниот магнетен пол се поместува со времето, односно се движи од канадскиот Арктик кон Русија од 1983 година.

Но, неговото забрзано поместување кон Сибир во изминатите години со брзина од 55 километри годишно ги присили научниците да го ажурираат Светскиот магнетен модел кој го користат навигациските системи, Организацијата на северноатлантскиот договор и британската и американска војска една година порано од предвиденото.

“Поради непланирани варијации во регионот на Арктикот научниците подготвиле нов модел кој попрецизно ја претставува промената на магнетниот пол од 2015 година до денес”, соопштува Американскиот национален центар за океани и атмосфера.

Моделот обично се ажурира на секои пет години, но сега тоа требало да биде направено порано поради безбедна навигација за воени цели, комерцијални авио-компании, операции за истрага и спасување.

Иако војската е примарен корисник на моделот, тој се користи и за цивилните системи за мапирање на Google и Apple.

Промените на северниот магнетен пол се резултат на процес длабоко во внатрешноста на планетата. Земјиното магнетно поле се создава во течното јадро кое е составено од течно железо и никел.

Извор: Klix.ba

Текстот Поместувањето на Северниот магнетен пол може да биде проблем за навигацијата е превземен од USB.mk.