„Израел е канцероген тумор на Блискиот Исток и треба да се искорени“, порачал иранскиот верски лидер Али Хаменеи.
Иранската најава дека повторно ќе почне со збогатување со уран во центрифугите откако претходно се откажа во 2015 година, почна да создава напнатост на Блискиот Исток.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му порачал на Техеран дека ќе го нападне со помош на меѓународната коалиција предводена од САД доколку Иран продолжи да ја развива нуклеарната програма.
Ваквите закани пристигнале кога американскиот претседател Доналд Трамп еднострано се повлекол од договорот што Иран го имал потпишано со САД, Велика Британија, Франција, Русија и со Кина. Трамп повторно му воведе санкции на Техеран, иако сите извештаи говорат дека Иран се држи до потпишаниот договор.
Трамп со повлекувањето на договорот се обидел да ги наговори западните сојузници да го направат тоа, но без успех. Неодамна Израел бомбастично најави дека поседува докази за иранското кршење на договорот, но се покажа дека станува збор за презентација на нуклеарната програма, која е откажана во 2015 година.
Израел го смета Иран за свој главен непријател особено имајќи го предвид фактот дека Техеран го негира правото на постоење на државата Израел.
„Израел е канцероген тумор на Блискиот Исток. Треба да се искорени“, порачал во неделата иранскиот верски лидер, Али Хаменеи.
Израелскиот премиер истакнал дека Иран ја развива нуклеарната програма само со една цел – да ја уништи државата Израел.
„Ќе го спречиме Иран да го развие нуклеарното оружје“, порачал Нетанјаху.