Американскиот Стејт департмент повикал група дипломати од Кина поради загриженоста дека се заболени од мистериозна болест што предизвикува оштетување на мозокот. Ваквата болест е слична на онаа што ја претрпеле дипломатите на Куба минатата година, изјавила портпаролката Хедер Науерт.
Според нејзините зборови, кога било потврдено дека еден вработен дипломат имал медицински инцидент, Стејт департментот распоредил тим експерти да ги следат вработените во конзулатот и членовите на нивните семејства.
„Медицинските професионалци продолжиле да работат на случајот со цел да ги откријат причините за настанатите симптоми и да утврдат дали налозите се исти како тие што ги забележале минатата година или немаат никакви сличности“, навела Хедер во соопштението.
„Њујорк тајмс“ во средата пренел дека најмалку двајца американски дипломати се повлечени од Кина. Весникот за дипломатите пишува дека реагирале затоа што слушале чудни звуци.
Минатата година вработените во американската амбасада во Хавана и членовите на нивните семејства се повлечени од таа земја затоа што кај нив биле забележани оштетувања на мозокот за што службите во САД исто така се сомневаат дека се предизвикани од чудни звуци. Ваквиот случај ги заострил односите меѓу Куба и САД.