Според најновите истражувања, сите заболени од карцином на дојката, а кои биле подложни на хемотерапија, се ставиле во непотребен ризик.
Истражувањето покажало дека повеќе од 123.000 жени во САД и 23.000 во Велика Британија биле изложени на тешки и потенцијално смртоносни хемотерапевтски третман. Со најновите истражувања се покажало дека тие може да се лекуваат со нов прецизен метод на медицина, пишува „Гардијан“.
„Тоа значи дека илјадници жени сега може да ја избегнат хемотерапијата, а истовремено да постигнат извонредни долгорочни резултати“, изјавил доктор Харолд Бурстеин, професор на Harvard Medical School.
Ракот на дојката е најчест рак кај жените во светот. За повеќето жени стандардната нега вклучува хемотерапија и ендокрина терапија делумно поради пропорционалното поголемата корист кај младите жени.
Хемотерапијата често ја следат мачнини, повраќања, губење на косата и замор во краток период, а во ретки случаи се појавува и леукемијата како нуспојава.
Студијата под името Tailorx е претставена како пленарна сесија на годишниот состанок на Американското друштво на клиничка онкологија во Чикаго.
Професорот Арни Пурусхотхам, клинички советник во центарот на Cancer Research UK, вели дека студијата покажала голем потенцијал како би се осигурило побезболно лекување кај пациентите без загрозување на ефикасноста од хемотерапијата.
Истражувачите прегледале повеќе од 10.000 жени на возраст од 18 до 75 години. Сите жени ги добиле резултатите со процент за повторна можност да заболат од рак на скала од 0 до 100.
Истражувачите откриле дека жените што се наоѓаат на скалата од 0 до 10 немале никаква корист од хемотерапијата. Тие претставувале околу 17 отсто од испитаниците. Наспроти нив, жените што се наоѓале над оваа скала со резултати до 26 отсто со можност повторно да заболат од рак, а кои претставувале 14 отсто од испитаниците, имале корист од хемотерапијата.
Од 10.273 тестирани жени, 6.711 (69 отсто) се нашле на скалата од 11 до 25. Тие биле третирани со ендокрина терапија или комбинација на ендокрина терапија и хемотерапија. Истражувачите заклучиле дека, во зависност од возраста на пациентот, жените што примиле само ендокрина терапија не биле во полоша состојба од оние што исто така биле лекувани со хемотерапија.
Тоа значи дека на жените што се над 50 години и се заболени од ваков вид рак, а се наоѓаат на скалата од 0 до 25, не им е потребна хемотерапија. Жените помлади од 50, кои се наоѓаат на скалата од 0 до 15, исто така може да го избегнат овој тежок третман.
Авторите изјавиле дека ова е најголемиот обид за прецизност на медицината направен некогаш.
„Оваа значителна студија сега може да им овозможи на илјадници пациенти со рак на дојката, кои имаат повеќе од 50 години, со сигурност да се поштедат од тешките и опасни хемотерапии“, изјавил Дели Морган, извршниот директор во центарот за рак на Breast Cancer Now.
„Ова е уште еден значаен чекор кон персонализирањето на лекувањето на ракот на дојката и се надеваме дека ќе резултира со подобрување на нашата употреба на хемотерапијата“, изјавил Морган.
„Нашата студија покажува дека хемотерапијата може да се избегне во 70 отсто од случаите кај жените, со што се ограничува хемотерапијата на 30 отсто кај пациентите“, дополнува Морган.
Лекувањето со хемотерапија во Националното здравство во Велика Британија (NHS) чини околу 4.500 фунти за секој пациент. Во САД хемотерапијата може да чини повеќе од 105.000 фунти.