Новиот дрон на американската војска изгледа како летало од видеоигра (ВИДЕО)

Воздушните сили на Соединетите Американски Држави успешно го тестираа новиот напреден дрон наречен “XQ58-A Valkyrie” кој еден ден би можел да ги следи борбените авиони во офанзивни мисии.

Концептот на ова летало наликува на нешто што досега можевме да го видиме во видео игрите или холивудските научно-фантастични филмови. Леталото може да се користи за напад, или пак за одбивање на непријателски оган и со тоа да ги заштитува останатите борбени авиони.

“XQ58-A Valkyrie” во заедничка соработка го развиле експерти на американската Лабораторија за истражување на воздухопловството и „Кратос“ беспилотните воздушни системи.

Дронот е предвиден да биде евтина платформа која ќе се користи за војување или за надзор на бојното поле, а притоа ќе може да го контролира пилот или пак самостојно да лета со помош на вештачка интелигенција.

Ова летало исто така ќе може да понесе мала количина на бомби, а ќе може да полета од конвенционална писта, или пак да биде лансирано преку ракета. “XQ58-A Valkyrie” има домет поголем од 4 илјади километри, а може да лета со брзина од 1,000 километри на час, што е навистина импресивно.

Прототипот на “XQ58-A Valkyrie” го изврши својот пробен лет на 5-ти март оваа година во воздушниот простор над американската сојузна држава Аризона. Од американската војска велат дека леталото во воздух се однесувало баш како што планирале и дека првиот пробен лет траел 76 минути.

Текстот Новиот дрон на американската војска изгледа како летало од видеоигра (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.