Британските медиуми објавиле текст со наслов „Што ќе се случи кога ќе умре англиската кралица“.
Пред три дена од Бакингемската палата било соопштено дека кралицата Елизабета II ќе ја пропушти службата во катедралата Свети Павле во Лондон затоа што не се чувствувала добро. Ова била сосема доволна причина за медиумите да се подготват за најлошото.
Елизабета II, која била крунисана по смртта на нејзиниот татко во 1953 година, со своите 92 години е најдолговечната кралица на тронот во историјата на британската монархија. Нејзиниот син, принцот Чарлс, е следниот во линијата за престолот.
Елизабета ретко отсуствувала од јавните настани поради здравствени причини. Сепак, Британците и другите фанови на кралицата се прашуваат што би можело да се случи во иднина.
Кога Елизабета ќе умре, премиерот ќе биде известен со лозинка. Шифрата гласи: „Лондонскиот мост е срушен“.
Поголемиот дел од персоналот во палатата ќе биде испратен дома, па ќе почне период на комеморација во траење од околу 12 дена.
Датумот на погребот и крунисувањето на нејзиниот наследник ќе биде прогласен за празник, а се предвидува дека ќе ја чини земјата меѓу 1,2 и 6 милијарди фунти.
Во тој период на жалост, Би-би-си ќе ги откаже сите хумористични емисии.
Новинарите на Би-би-си одвреме-навреме ќе вежбаат да ја објават оваа вест. Исто така, при рака ќе имаат црна облека за да го избегнат непримерното појавување пред камерите за време на известувањето за смртта во кралското семејство.
По нејзината смрт, ќе се промени и текстот на националната химна, па ќе се додаде дел за нејзината смрт.
Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, а туристичките места ќе бидат затворени.
За тоа време, особено во вечерните часови, во палата Свети Јаков ќе се објави наследникот на Елизабета II. По тоа политичарите ќе се заколнат на верност на новиот владетел.
Телото на Елизабета за цело тоа време ќе биде изложено во палатата, каде што јавноста ќе може да ѝ оддаде почит.