15. „Визер скопски маратон“ со над 12.000 пријавени од 58 држави

15. јубилеј на најмасовната спортска манифестација во државата, „Визер скопски маратон“, ќе се одржи утре, со почеток во 8:30 часот во срцето на Скопје, пред Собранието на Република Северна Македонија. Тимот на „Визер скопски маратон“, Сојуз на спортови на Скопје, порача „Најголемиот спортски спектакл е подготвен!“. Тие повторно се надминаа и го срушија рекордот со тоа што се пријавија над 12.000 учесници од 58 држави.

„Оваа година за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.500.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција, кои беспрекорно ја вршат својата работа и за тоа им упатувам јавна благодарност. Ги повикувам сите граѓани на Скопје утре да излезат во што поголем број, да им посакаат добредојде и да им пружат поддршка на сите учесници, спортисти и рекреативци“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, како домаќин на манифестацијата. Тој додаде дека особено го радува фактот што меѓу натпреварувачите годинава се пријавени и околу 60 вработени во администрацијата на Градот Скопје.

„Ние веруваме дека не можат да се постават маргини на спортот и на здравиот начин на живеење. Затоа секојдневно се трудиме да се надминеме себеси во нашата работа. Колку подобри чекори ќе дадеме, толку повеќе луѓе се пријавуваат и влегуваат во светот на спортот. Со ова убедување успеавме 15. јубилеј да го направиме за сеќавање и да го срушиме рекордот со тоа што се пријавија над 12.000 учесници од 58 држави од целиот свет. Воведовме новини во секој сегмент и дадовме сѐ од себе да го зајакнеме хуманитарниот карактер на настанот. Секој можеше да донира преку givengain.com и да учествува на бесплатните тренинзи кои беа поддржани од страна на Делегацијата на ЕУ во склоп на нивното покровителство на штафетниот маратон ‘ЕУ за спорт’. Воедно, оваа година стартот го преместивме пред Собрание во очекување на големиот интерес. Исто и патеките беа подложни на промени со цел да им биде полесно на учесниците. Тие беа измерени од страна на официјални претставници од ИААФ и АИМС и се обнови постоечкиот сертификат за точност исполнувајќи ги сите стандарди за учество на Олимписки игри и Светски првенства“, рече Кире Синадиновски, директор на „Визер скопски маратон“. Тој додаде дека од клучно значење е да излезат навивачите и да ги бодрат учесниците. Ги повика да се пријавуваат за најдобар транспарент и најдобра фотографија посочувајќи дека и оваа година има околу 30 музички точки по должина на патеката на кои можат да им се приклучат.

„Според техничките податоци и бројката на пријавени учесници можеме да забележиме дека ‘Визер скопскиот маратон’ може да напредува. 58 земји учеснички. Тоа воопшто не е мала бројка. Очекувам оваа година да имаме и 7 домашни тркачи кои ќе ја скршат границата од 3 часа, што е многу значајна за напредокот на овој спорт во државата“, вели маратонецот Александар Кираџиев.

„Ја користам оваа можност да ги повикам сите скопјани да излезат на улиците затоа што тоа на маратонците многу им значи“, посочи рекордерката Адријана Поп Арсова.

Утре од 18:30 до 21:00 во „Парк Хотел и спа“ во ресторанот Brick Eat ќе се одржи хуманитарна паста парти. Купонот за паста парти по цена од 100 ден. може да се купи при подигнување на стартен број или на самата забава. Сите средства собрани од хуманитарниот настан ќе бидат донирани за Проект Среќа.

Подигнувањето на стартните пакети за „Визер скопски маратон 2019“ е вчера и денеска во „Парк Хотел и спа“. Работното време на центарот денеска е од 10.00 до 20.00 часот.

„’Парк Хотел и спа’ веќе трета година по ред е горд партнер на оваа елитна спортска манифестација и е домаќин на маратонците кои оваа година ќе бидат дел од ‘Визер скопскиот маратон’. И понатаму ќе бидеме дел во вакви проекти, од наскоро зајакнати со нов член на Parkland Hospitality Group семејството – новиот хотел со 4 ѕвезди ‘Некст дор Парк хотел’, веднаш до ‘Парк Хотел и спа’“, порачаа од „Парк Хотел и спа’.

„Визер скопскиот маратон“ е под покровителство на Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје и Агенција за млади и спорт.

Текстот 15. „Визер скопски маратон“ со над 12.000 пријавени од 58 држави е превземен од Reporter.mk.