Една година откако се прослави со хитот „Не сум твој тип“, „Дупер“ се растури. Веста дека тројцата членови на бендот, Борис Какуринов, Мартина Баракоска и Илчо Нечовски веќе нема да свират заедно, ја објави „Авалон“, кои неодамна потпишаа договор со нив.
„Поради тоа што едниот од машките членови на групата ‘Дупер’ ѝ даде отказ на Мартина, со поддршка на другиот машки член, од според мене најпатетична можна причина, ‘Авалон Продукција’ го раскина договорот со младите момци“, напиша Бобан Милошески, сопственикот на продукцијата.
„Репортер“ се обиде да стапи во контакт со членовите на „Дупер“, но тие се недостапни за изјава.
Првата песна на „Дупер“, „Не сум твој тип“ за кратко време стана голем хит, а бендот доби и „Златна бубамара“ за неа. По ова заедно ги снимија и песните „Тело за на ТВ“ и „Ние сме 2“.
Текстот Се распадна „Дупер“ е превземен од Reporter.mk.