Маратонката Адријана Поп Арсова, членка на АК „Делта“, на маратонот во Ајнтховен, Холандија, што се одржа во неделата, постави нов македонски рекорд со резултат од 3:00:44 часа. Таа со ова го подобри претходниот рекорд во Македонија во маратоните за жени, а кој го постави самата во мај на „Визер скопски маратон“. Нејзиното претходно време беше 3:05:04 часа.
„Немав некои потешкотии во текот на трката, освен тоа што првите 2 1км ги поминав пребрзо и имав мала криза на 25 км. Искрено мислам дека крајниот резултат ќе беше подобар да не се случеше тоа. Но, ова е искуство плус за мене за следниот маратон. Задоволна сум и со ова остварување во овој момент. Маратонот е мојата омилена дисциплина токму заради тежината и неизвесноста што ја носи“, рече Адријана по трката.
Таа вели дека во следниот период ќе одмори од трчањето и дури потоа ќе реши кој ќе биде нејзиниот следен маратон.
„Тогаш ќе се обидам и да се симнам под границата од 3 часа“, рече Адријана.
Оваа 28-годишна девојка од пред пет години се занимава со атлетика. Освен што е член на атлетскиот клуб „Делта“, таа трча и за репрезентацијата на Македонија. Во интервју за „Репортер“ пред неколку месеци таа откри дека за секој маратон се подготвува неколку месеци, а освен секојдневните тренинзи и вежби, има и посебен режим на исхрана, што подразбирало многу течности и јаглехидрати. Поп Арсова го држи и македонскиот рекорд во полумаратон и рекордот на 10 км, кој неодамна го постави на Скопје трча 10 км.
Текстот Адријана Поп Арсова постави нов рекорд во маратон е превземен од Reporter.mk.