Акустичен концерт на „Љубојна“ на 22 декември

На 22 декември „Љубојна“ ќе има прв акустичен концерт пред македонската публика. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет, со почеток од 19:30 часот. Пејачката на „Љубојна“, Вера Милошевска, на денешната прес–конференција најави дека на сцената ќе има многу музичари, перкусионисти, дувачи, гитаристи и дигитална сценографија во облик на шума, а фокусот ќе биде на пеењето.

„Првпат пред македонската јавност ‘Љубојна’ ќе одржи акустичен концерт  што носи една нова широчина на звукот, повеќе фокусирана во пеењето и е своевидно ехо од сите изминати бучни, големи концерти, кои се смируваат во оваа нова амбиентална атмосфера. Целата музика ќе се фокусира во моето пеење за  јас и публиката да имаме поблиска, интимна релација која најдобро ја испраќа пораката на артистот. Ќе биде една весела убава атмосфера, ќе бидеме сите на еден музички пикник“, рече Милошевска.

Таа најави и гостувања за следната година со оваа акустична верзија, а Загреб е едно од местата каде ќе настапат на пролет.

Вооедно, денеска беше презентиран и најновиот албум на „Љубојна“ со оркестарот на Македонската филхармонија и Емин Џијан насловен „B.Y.Z.A.N.C.E”. Станува збор за заеднички проект кој содржи материјал од концертот што го одржаа со Филхармонијата на 1 февруари годинава. На албумот има осум нумери, две од нив се авторски: „Севдо ле“ и „Горки чувства“, на текст на Вера, а на Оливер Јосифовски. Останатите нумери се традиционални, аранжирани и преработени теми првпат објавени на нивен албум. Ова е 12 по ред албум на „Љубојна“.

Претходно, во интервју за „Репортер“ Вера откри дека годината ќе ја завршат со концерт. „Со ова ќе одбележиме 18 години од формирањето на бендот“, рече тогаш таа, но раскажа и како со Оливер го формирале бендот и како почнала нивната љубовна приказна.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 22 ноември (петок) преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“.

Текстот Акустичен концерт на „Љубојна“ на 22 декември е превземен од Reporter.mk.