Поп-пејачката Антониа Гиговска во Романија на меѓународен фестивал во градот Брешов го освои второто место.
Годинава организаторите славеа 50. јубилеј од првиот одржан фестивал, а Антониа настапи меѓу 18 учесници од целиот свет. На фестивалот изминативе години пееле Рики Мартин, Пинк, „Скорпионс“, Џо Кокер, „Ваја кон диос“, Кристина Агилера и многу други.
„Фестивалот имаше неверојатно добра организација, на ниво на ‘Евровизија’. Внимаваа буквално на се. Најпрво аплицирав за учество, и бев пресреќна кога ми јавија дека сум избрана да пеам заедно со уште седумнаесет пејачи од цел свет. Тие се погрижија за авионскиот превоз за мене и за четири лица што ми се придружба на фестивалот“, раскажа пејачката за „Репортер“.
Државата и Романската национална телевизија беа организатори на фестивалот на кој настапија пејачи на возраст од 16 до 36 години.
„Пеев романска песна и And I Am Telling You од Џенифер Хадсон. Сцената беше огромна. Имаше одлично осветлување и озвучување“, ни рече Антониа.
Пејачката, која публиката ја запозна преку шоуто „Пинкови ѕвездички“ во моментов е актуелна со песната „Ванила“, на која соработува со Панчо од ДНК.
Текстот Антониа Гиговска втора на фестивал во Романија е превземен од Reporter.mk.