Атиџе ќе оди на Оскарите

Атиџе Муратова ќе оди во Холивуд на доделувањето на Оскарите. Со ова, таа ќе си ја исполни желбата да се појави на црвениот тепих заедно со најголемите филмски ѕвезди. Трошоците за патувањето на Атиџе и на петчлената филмска екипа на филмот „Медена земја“ ќе ги плати Владата. Тоа вчера го откри премиерот Оливер Спасовски.

„Донесовме одлука за оддавање достојно признание на авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда ‘Оскар’ во две категории. Обезбедуваме и материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а за авторите, петчлената екипа која го сними филмот, признание за успехот и месечен материјален надомест“, напиша Спасовски на „Фејсбук“.

Неодамна, во интервју за „А1он“ Атиџе рече дека иако филмот досега освоил многу награди, таа очекува барем еден Оскар.

„Се надевам дека и јас ќе прошетам на црвениот тепих со екиата. Мислам дека ќе освоиме и Оскар. Тие ми викаат – тешко, има пред нас други, но мислам ќе победиме, некоја сила ме тера, ми кажува дека е така… А на радио кога слушнав за двете награди, одма знаев дека едната оди кај нас“, рече тогаш Атиџе.

 

(Видео) „Мајка ми се радуваше што ќе станам позната“, медената Атиџе ги чека Оскарите

Текстот Атиџе ќе оди на Оскарите е превземен од Reporter.mk.