Пол Бурел, поранешниот батлер на принцезата Дајана, на својот профил на социјалните мрежи сподели фотографија од писмото кое го напишала покојната принцеза. Тој објасни дека низ писмото таа ја покажала љубовта што ја чувствувала кон нејзините синови, а истовремено и тагата, затоа што претчувствувала дека ќе им биде тешко затоа што се дел од британското кралско семејство.
„Ги сакам моите деца до смрт и се надевам дека семето кое го посадив и понатаму ќе расте и ќе ми ја донесе потребната сила, знаење и стабилност“, напишала Дајана во писмото.
Дијана во писмото, како што тврдат аналитичарите, предвидела дека нешто ќе им се случи на Вилијам и Хари, односно дека ќе им треба многу сила за да ги надминат сите предизвици.
„Додека Хари, Меган и Арчи почнуваат да градат нов живот, се сетив на зборовите кои принцезата Дајана ми ги напиша пред многу години. Станува збор за безусловна љубов која денес и тоа како може да се види, иако таа ја напишала пред повеќе од 24 години“, напишал Бурел под фотографијата.
За разлика од илјадниците кои ги критикуваа Меган и Хари затоа што го нарушиле угледот на британското кралско семејство, Бурел ја поддржа одлуката на поранешната актерка и нејзиниот сопруг да се откажат од кралските должности.
„Моите мисли се со Меган и Хари. Многу размислував за принцезата Дајана, што би мислела таа за ова што се случува. Во моето срце знам дека таа би сакала Хари и Меган пред сè да бидат среќни“, напишал батлерот на „Инстаграм“.
Одлуката на Хари и Меган да го напуштат кралското семејство беше изненадувачка за сите, а најмногу за кралицата Елизабета Втора. Иако не им дозволи веднаш да си заминат, сепак по долгите преговори, на крајот попушти. Меган и Хари повеќе нема да ги користат кралските титули и нема да бидат финансирани од јавни средства.
Текстот Батлерот на Дајана го објави нејзиното писмо е превземен од Reporter.mk.