Томе Лозановски, пензиониран професорот по физичко воспитување е најстариот битолчанец што се искачил на Мон Блан, највисокиот врв на Алпите. Тој овој подвиг го направи на 70 години и седум месеци. Ова е петти пат Лозановски да се качи на највисокиот врв во Европа, пишува „СДК“. Тој планинари веќе 57 години, а на последната планинска тура водеше четворица планинари, сите помлади од 30 години. Тие се членови на планинарско-спортскиот клуб „Ѓорги Наумов“, чиј претседател е Лозановски. Поранешниот професор вели уште одамна решил дека ќе се обиде да се искачи на Мон Блан откако ќе наполни 70 години.
„Го наметнав темпото да биде поприфатливо за нив инаку јас и побрзо ќе се качев. На овој планински врв подобро се снаоѓаат повозрасните и поискусни планинари, кои полесно се прилагодуваат на пореткиот воздух“, рекол тој.
Планинарите првиот ден до почетната станица на 1.300 метри надморска височина се искачиле со воз. Оттаму тргнале пеш и без проблем го поминале таканаречениот „Колуар на смртта“, најопасниот дел за минување каде што се случуваат најмногу несреќи. Потоа следувал стрмен и карпест терен до 3.800 метри височина што се искачува со сајли. Тука преспале, а другиот ден продолжиле до врвот на 4.810 метри. Дел од патот го поминале во врнежи од дожд и снег и било многу лизгаво, раскажале планинарите.
Лозановски, освен Мон Блан ги искачил и врвовите Елбрус на Кавказ, Дамавенд во Иран, Монтероса меѓу Италија и Швајцарија, скоро сите планини во поранешна Југославија. Тој секоја година неколку пати се искачува на Олимп во Грција, Мусала во Бугарија и на други планини и врвови, а учествува и на планинарски маршеви.
Фото: Сакам да кажам
Текстот Битолчанец на 70 години петти пат се качи на највисокиот врв на Алпите е превземен од Reporter.mk.