В недела, 7 октомври, во Градскиот парк во Скопје кај Школка ќе се одржи настанот „Напред розово“, со кој здружението за борба против ракот на дојката „Борка“ ќе го одбележи 10. јубилеј на националната кампања за подигање на свесноста за оваа болест. Секоја година на над 1.200 жени во Македонија им се дијагностицира рак на дојката.
„Со современиот третман и раната детекција сè повеќе жени целосно заздравуваат од болеста и се доказ дека со овој предизвик можеме да се справиме со заеднички сили и поддршка. Затоа е потребно секоја жена да ги знае ризиците, знаците и мерките што треба да се преземат кога станува збор за ракот на дојката. Овој марш ќе им понуди на граѓаните едукација, информативни разговори, поддршка и дружење со помош на кои ќе се запознаат со симптомите и раното откривање на оваа болест“, рече Биба Додева, основач и претседател на здружението „Борка“.
Таа ги повика сите да се вклучат во борбата против оваа болест оти секој има некој во семејството или познава некој што имал рак на дојката. Својата приказна за борбата со оваа болест ја раскажаа и неколку жени и еден маж, кои успеале да ја победат болеста. Мотото на кампањата оваа година е „За секој нов ден“, а ја поддржаа Амбасадата на САД во Македонија и компанијата „Авон“.
„Во изминатите 10 години бројот на новозаболени од рак на дојка во Македонија е двојно зголемен. Затоа, информирањето и едукацијата за оваа болест е од огромно значење. Ракот на дојката може успешно да се излекува ако се открие во ран стадиум. Целта на овој проект е да се зголеми стапката на преживување, но и да ја подигнеме оваа борба на повисоко ниво кај здравствените институции за да се обезбеди современа и навремена терапија и подобрување на квалитетот на живеење на сите што се соочуваат со оваа болест. Сакам да ве поканам сите, в недела, да им се придружите на „борките“ од цела Македонија, да им дадеме поддршка на оние што се соочуваат со оваа болест. Оваа борба е наша – заедничка!“, додаде Додева.
„Борка“ 11 години континуирано се грижи за пациентите и нивните семејства, а преку организирање на оваа
кампања испраќа порака ракот на дојката да биде меѓу приоритите во нашиот здравствен систем.
Оваа организација доби донацијата во вредност од 15.000 долари од компанијата „Авон“, а за поддршка на мобилната СОС-линија за пациентите што боледуваат од рак и за нивните семејства, како и за едукација на граѓаните во Македонија за ризиците и начините за превенција и рана детекција на ова заболување. Тие најмногу ќе се насочат кон младата популација.
„’Авон’ од 1992 година е посветена на зголемувањето на свесноста за ракот на дојката. До денес компанијата на светско ниво донирала 800 милиони долари, едуцирала 180 милиони жени за оваа болест и обезбедила бесплатен скрининг за над 20 милиони жени, сето тоа преку продажба на производите од специјалната линија со розова панделка, чиј приход е 100 отсто наменет за активности за борба против ракот на дојката“, велат од компанијата.
Октомври е месец посветен на борбата против ракот на дојката кога граѓанските организации, здравствените работници и владините институции од целиот свет активно работат на подигнување на свеста за оваа болест.
Текстот „Борка“ повторно со марш за борба против ракот на дојката е превземен од Reporter.mk.