Денис Димоски навреден, организаторите не го поканија да пее на концертот на Тоше

Денис Димоски, пејачот кој ја играше главната машка улога во мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески, не е поканет да пее на концертот посветен на Тоше. Наместо него, песните ќе ги пее Александар Тарабунов. Денис вели дека е навреден што организаторите не го поканиле да пее на претстојниот концерт во чест на починатата поп-ѕвезда, на 2 ноември во Скопје.

Денис јавно ги праша зошто наместо него Александар Тарабунов на концертот ќе ги пее песните од мјузиклот заедно со Антониа Гиговска. За потсетување, Антониа и Денес победија на музичкото „Кастинг талент шоу“ и со тоа ги добија главните улоги во мјузиклот „Тајно моја“ лани.

Организаторите, претходно најавија дека на концертот, покрај останатото, ќе се изведе и дел од мјузиклот „Тајно моја“. Но, денес велат дека идејата за мјузикл отпаднала.

„Јас нема да пеам на 2 ноември на концертот во чест на Тоше. Навистина сум навреден што не бев ни контактиран ни прашан дали сакам да учествувам на концертот за мојот идол. Мислам дека по победата и сите успешни претстави, заслужив организаторите да ме прашаат и мене“, рече Денис за „Репортер“.

Поп-пејачот вели дека не знае што да им каже на своите пријатели и обожаватели кои го прашуваат зошто нема да пее.

„Многу луѓе, пријатели, фанови ми пишаа деновиве зошто јас не пеам и затоа решив јавно да прашам. Навистина сум навреден“, додаде Денис.

Сашо Митков од „Аворд продукција“, еден од организаторите на концертот, вели дека не сакале никого да навредат, па иако Антониа и Александар ќе пеат на концертот, тоа нема да бидат песни од мјузиклот и тој дел ќе биде исфрлен од програмата.

„Фондацијата ‘Тоше Проески’, ‘Аворд продукција’ и неколку новинари, како организатори на концертот во чест на Тоше, заедно ги избиравме пејачите. Точно е дека планиравме да се изведе дел од мјузиклот на концертот, но потоа решивме да нема мјузикл. Немавме никакви лоши намери. Антониа и Александар на концертот ќе пеат песни од Тоше, но тоа нема да е со аранжманите од мјузиклот ‘Тајно моја’,“ рече за „Репортер“ Сашо од „Аворд“.

Концертот во чест на Тоше ќе се одржи на 2 ноември во арената „Борис Трајковски“. На концертот на кој ќе се промовира албумот Secret Placе, ќе пеат и Каролина Гочева, Тијана и Тамара Тодевски, Наум Петрески, Александра Радовоиќ. Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Владо Калекмбер, Ања Рупел, „Фрајле“ и други. Кристијан Ристески, внукот на Тоше, ќе ја пее својата прва песна We Are Blood, која, исто така ќе се најде на албумот.

(А.Ј)

Текстот Денис Димоски навреден, организаторите не го поканија да пее на концертот на Тоше е превземен од Reporter.mk.