Познатиот македонски уметник со светско реноме Дуке Бојаџиев вечерва ќе настапи на “Охридско лето”. Концертот ќе се одржи на сцената “Долни Сарај” со почеток во 22 часот, а освен него, како вокал и клавирист ќе настапат Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Костас Анастасиадис на тапани, како и Наташа Петровиќ, вокал и нарација.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ “Беркли” во Бостон. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитниците на “Оскар”, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов.
Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како “Пежо”, “Ланком” и “Лореал”, разни светски компилации како “Буда Бар” и “Маракеш експрес”. Има работено со артисти како Синди Лопер и “Телепоп мјузик”, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: “Карнеги кол” во Њујорк, “Авалон театар” во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.
Текстот Дуке Бојаџиев вечерва со концерт на „Охридско лето “ е превземен од Reporter.mk.