ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ЗДРАВКО ЧОЛИЌ: На народно по македонски кафеани

На концертите на Здравко Чолиќ секогаш во публиката има армија жени. Од сите возрасти, млади, стари, девојки, баби. Со музика почнал да се занимава официјално од 1968 година. Пет децении Чолиќ. Неговата популарноста низ сите овие години никогаш не му опадана. Во пресрет на двата концерта во Скопје, на 10 и 17 ноември во ВИП-арената, во интервју за „Репортер“ регионалната ѕвезда открива за дружењето со Љубе Бошкоски, за готвењето, љубовта со Александра, обожавателките, популарноста.

 Репортер: Во ноември имате концерт во Скопје. Се сеќавате ли кога првпат дојдовте тука?

„Во Скопје првпат дојдов во 1971 година, со групата ‘Корни’ на Скопскиот фестивал и тогаш ја пеевме песната ‘Мој бор’ на Љубомир Бранѓолица. Тогаш бев млад пејач и тоа беше мојата прва средба со скопската публика и воопшто со градот Скопје. И тогаш првпат запознав луѓе со кои и денес се дружам и секогаш со задоволство евоцираме спомени од тоа време“.

Репортер: Со децении Чолиќ. Вашата популарност низ сите овие години не опаѓа. Која е тајната?

„Публиката секогаш препознава емоции, не можете да ја лажете. Популарноста е нешто со краток рок, а истрајноста мора да се заснова на квалитет и на добри песни, а не само на хитови. Не може никој со сигурност да каже кој колку ќе се занимава со некоја работа и дали тоа ќе биде успешно. Не постои човек кој може да прогнозира. Едноставно сте ѝ посветени на публиката и треба да ја почитувате. Важни се секако и соработката со бројни музичари, искреноста кога снимате албум, професионалниот однос и во сè ова треба малку среќа за да можеш да градиш кариера. Кога ќе почнеш да се занимаваш со нешто трае колку ќе трае, а трае онолку колку што луѓето го бараат тоа од тебе“.

Репортер: Се сеќавате ли на почетоците на кариерата? Кога станавте свесен дека се многу популарен?

„Никогаш не мислев дека професионално ќе се занимавам со музика. Бев одличен ученик и студент со натпросечен успех. Се занимавав со спорт, но ја сакав и музиката, ама тоа беше повеќе некоја страст, хоби кон музиката. Татко ми ми купи гитара од еден подалечен роднина, кој изработуваше гитари дома, и секако на иницијатива на татко ми, трипати неделно ни доаѓаше чичко Иван Бариќ, мојот професор по музика и по гитара, кој прв ја забележа мојата енергија. Беше тоа борба меѓу фудбалот и гитарата, сè до еден момент кога се играше важен фудбалски натпревар. Јас не останав да гледам фудбал туку отидов кај чичко Иван да свирам гитара. И работите едноставно тргнаа случајно. Потоа дојдоа првите награди, па почнав да заработувам, па тиражните албуми. Всушност, целата моја приказна ја врзувам за судбината и божјите раце, сеедно дали верувам во нив или не. Така што, рецепт за успех генерално нема, а славата е составен дел од оваа работа“.

Репортер: На вашите концерти секогаш има армија жени. Како останувате присебен во цела таа војска од обожавателки?

Јас сум горд на својата публика која ме следи со години и ние многу се сакаме. Многу од обожавателките ги препознавам на различни мои концерти и тоа ме радува. Се појавуваат млади, нови обожаватели и обожавателки и сето тоа е убаво и вистинско задоволство. Најважно од сè е кога ќе видиш повеќе различни генерации на свој концерт и тоа е она што ме исполнува“.

Со сопругата Александра со која е во брак 18 години

Репортер: Во брак сте со Александра 18 години. Како таа излегува на крај со вашата популарност? Сигурно не ѝ е лесно?

„Ние двајца сме многу долго заедно и довербата што ја имаме е еден од најголемите благодети на нашиот брак. Кога се занимавате со оваа работа, музика, популарност, вашата друга половина мора да има разбирање. Александра од почеток ме прифати мене сосе мојата кариера, но ете таа повеќе е свртена кон семејството и воспитувањето на децата, затоа што јас често сум на пат“.

Репортер: Летово бевте во вилата на Љубе Бошковски на Бале, во Хрватска, со Аки Ракимовски? Како се најдовте тројцата?

Дружбата кај Љубе Бошкоски испадна сосема случајно. Се сретнавме на мојот концерт во Пула летово, а од таму Љубе нè покани кај него на ручек, во неговата вила на Бале. Имаше спремено прекрасни јадења, а тука беше и Аки, но и многу други наши пријатели кои живат во регионот и во странство. Останавме до доцна навечер и навистина беше убаво што имав можност да запознаам и некој нови луѓе“.

Кај Љубе Бошкоски во вилата на Бале во Хрватска, летово заедно со Аки Рахимовски

Репортер: Знаете ли да готвите? Имате ли омилен рецепт?

„Не сум баш некој врвен готвач ама по рецепт знам и нешто да зготвам. Еднаш бев на еден посебен режим на исхрана, некоја диета, па ете научив да сварам зеленчук и да направам риба. И тоа ми е лесно сам да го направам. Сега, нормално, јајца секогаш се во игра, а ме бива и да испечам бифтек“.

Репортер: Каква музика слушате. Сакате ли народни песни?

„Слушам различна музика, некогаш блуз, некогаш соул или поп-рок. Ама зависи од амбиентот, тој ја диктира музиката. Знам многу македонски песни, а ги има многу. Често кога сум тука, во Македонија, одам во добри кафеанчиња, па тогаш и приватно сакам да запеам, кога сум со добро друштво. А кога сум во пријатен амбиент нормално дека нема бегање од народниот мелос“.

Репортер: Што очекувате од концертот во Скопје?

„Првпат ќе пеам во ВИП-арената и драго ми е поради тоа. За публиката има повеќе комфор во арената. Јас сакав на стадион, но сега е ладно па не може. Очекувам убава атмосфера каква што секогаш е во Скопје, кога и да дојдам. Го сакам македонскиот темперамент, кој секогаш е доминантен, дружењето со македонската публика некако трае од почетоците на мојата кариера. И овој пат очекувам млада публика, во однос на претходните концерти. Задоволство е секогаш да се биде во Скопје“.

 

Александра Георгиев

Текстот ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ЗДРАВКО ЧОЛИЌ: На народно по македонски кафеани е превземен од Reporter.mk.