Таткото на италијанскиот блуз, Цукеро, на 25 јуни првпат ќе настапи во Македонија. Тој ќе одржи концерт на Антички театар во Охрид, кој е во организација на „Авалон продукција“. Роден е како Аделмо Форнилиари, а прекарот Цукеро (шеќер) како дете му го дала неговата учителка во основно училиште. Во ексклузивно интервју за „Репортер“ Цукеро вели дека и по речиси 40 години кариера, со истата страст излегува на сцената и ја чувствува истата возбуда пред секој концерт. „Се хранам од публиката и од нивните емоции“, вели тој. Шеширите му се слабост. Ги носи приватно, ама и на секој настап: „Знаете ли добра продавница за шешири во Охрид?“ нè праша и ни откри дека сака да купува шапки во секој град каде што настапува. Вели, сака да готви и да пие квалитетно италијанско вино, да ужива во животот. „Да не бев музичар ќе бев фармер. Тоа е мојот сон“, ни рече Цукеро.
Вашата учителка ви го даде името Цукеро. Има ли приказна зад овој прекар?
Цукеро: Да, мојата учителка во основно почна да ме вика Цукеро и името некако „се залепи“ за мене. Потоа и сите пријатели почнаа да го користат овој прекар. Така некако самото се наметна да почнам да го користам како уметничко име. Ме викаат Цукеро од детството, никој не ме вика Аделмо. А јас сум и понатаму истата личност.
Ве нарекуваат „татко на италијанскиот блуз“. Се согласувате ли со тоа?
Цукеро: Многу сум скромен за јас да кажам дека сум таткото на италијанскиот блуз. Но, ако луѓето ме викаат така, тогаш сум почестен.
Имате продадено преку 60 милиони албуми, сте соработувале со Боно, Џо Кокер, Ерик Клептон, Стинг, Павароти, Бочели и со многу други големи музичари. Кој од нив Ви беше најтежок за соработка, а со кого најмногу уживавте да создавате музика, да настапувате?
Цукеро: Во последниве 30 и нешто години имав голема среќа да соработувам со некои од најдобрите музичари во светот. Уживав работејќи со сите нив. Многумина ми станаа добри пријатели. Токму затоа не можам да изберам еден со кого ми било најзабавно или најтешко да работам. Сите тие беа неверојатни искуства.
Кога луѓето ќе го слушнат името Цукеро, една од првите асоцијации е песната Senza una Donna. Но, според Вас, која песна или соработка ја одбележа Вашата кариера?
Цукеро: Ги сакам сите песни што сум ги направил. Уживав во сите соработки што ми се случиле низ годините. Но, најмногу го сакам Ерик Клептон. Имав чест многупати да ја делам сцената со него. Всушност, ќе настапиме на ист фестивал во Лондон сега во јули. А имав и песна со Енио Мориконе и би сакал некогаш повторно да соработувам со него.
Последниот албум Black cat го снимивте во 2016 година. Работите ли на нешто ново во моментов?
Цукеро: Секогаш размислувам за нови песни, без разлика дали сум на турнеја или не правам ништо. Во моите песни пеам за животот, за работите што ме погодиле лично, па затоа секогаш имам инспирација за нешто ново. Идеите за песните потекнуваат од секојдневниот живот. Но, во моментов не спремам ништо.
Првпат ќе настапите во Македонија, а концертот во Охрид е дел од Вашата летна турнеја. Што подготвувате за македонската публика?
Цукеро: Се хранам од реакциите и од возбудата на публиката. Ќе биде тоа добро шоу.
По речиси 40 години во музичкиот свет, дали и денес кога излегувате на сцена или кога снимате ја имате истата страст како на почетокот?
Цукеро: Да, апсолутно, музиката е мојот живот и воопшто не ми е здодевно или тешко.
А се заситивте ли од музиката? Чувствувате ли понекогаш замор од патувањата, од турнеите, од настапите, некаков притисок или и понатаму Ви е забавно?
Цукеро: Постојаното патување е најзаморниот дел, но јас обожавам да настапувам, па и понатаму се забавувам кога сум на сцената. Не чувствувам никаков притисок, оти имам добар тим околу мене, одлични музичари со кои соработувам одамна. Се познаваме, добро се координираме на сцена, па затоа настапите ни се многу едноставни и лесни.
Како сакате да го поминувате слободното време?
Цукеро: Најмногу сакам да сум со семејството и со моите животни, оти имам фарма. Сакам да готвам, да јадам и да пијам добро италијанско вино. Едноставно, да уживам во животот!
Шеширите се Ваш заштитен знак. Дали, како на повеќето Италијанци, модата ви доаѓа природно?
Цукеро: Шешири носам откако знам за себе. Сакам да ги носам. Кога би имал време би одел да си купам шешир од секој град во којшто настапувам. Имаш ли препорака за добра продавница за шапки во Охрид?
Се прашувате ли некогаш каков би Ви бил животот ако не ја изберевте музиката?
Цукеро: Не, навистина не. Мислам дека би бил фармер да не бев музичар. Би имал, исто како и сега, имот некаде во Италија и би живеел обработувајќи ја земјата. Тоа беше мојот втор сон.
Андријана Јовановска