Со ревиите на Error Kolektiv, Сара Реџиќ и Александра Јовановска, вчеравечер заврши осумнаесеттото издание на Моден викенд Скопје за сезоната есен-зима 2018/2019. Трите ревии, тематски различни, ја опфатија женската и машката мода, а дизајнерите инспирацијата ја најдоа во еротиката, политиката, семејството и во Фениксот, птицата што секојпат одново се раѓа од пепелта.
Error Kolektiv е заедничка хармонија на индивидуалното, простор во кој ATAMI, Em Ellephantski и [0.10] error of harmony градат едно.
Сара Реџиќ ја претстави својата колекција „Феникс“.
„Постојат различни верувања за птицата Феникс. Опишан е како златна или шарена птица. Според некои составен е од најубавите делови од сите птици во светот и сметаат дека е најубавата птица што некогаш постоела. Мене ми е најинтересен фактот што Фениксот е бесмртен и секој пат повторно се раѓа од пепелта. Целта ми беше сите работи кои според мене се многу убави и интересни да ги соберам на едно место, во една целина. Не се базирам на модните трендови, сакам безвременски парчиња кои и денес и по 10 години ќе изгледаат убаво“, вели таа.
Есенското издание на Моден викенд Скопје заврши со ретроспективната ревија на Александра Јовановска и колекцијата „Архетип“ која е збир од нејзиното десетгодишно творештво како моден дизајнер. Сценографијата за ревијата ја направи Екатерина Намичева, а моделите ги претставуваа креациите додека се слушаа песни од македонскиот бенд „Фанк шуи“.
„Инспирациите во модните колекции произлегуваат од лични доживувања и искуства, најчесто теми поврзани со идентитетот, традиција и културата, социјални и политички актуелности во нашата земја, историски интереси поврзани со земјата, со еротската уметност, како и емоционални, семејни доживувања, модно преведни во рачно сликани мотиви, везови и детали изработени со рециклирање и реставрирање на текстил“, вели Јовановска.
Текстот Еротика и политика на Модниот викенд во Скопје е превземен од Reporter.mk.