Поп-пејачката Маја Вукичевиќ, која последниве години се помалку ја има во јавноста, се пофали дека нејзиниот син дипломирал на Економскиот факултет во Скопје. Таа ги изненади обожавателите со заедничка фотографија со синот, бидејќи во јавноста многу ретко зборува за приватниот живот и не објавува фотографии со него. Таа му го честита дипломирањето и во емотивна порака му рече дека најголемата желба што му ја посакува е да биде среќен и да стане свој човек.
„Велат среќата ја прават малите нешта, но денес е онаква голема, огромна што ми го исполни срцето. Кога тргна во прво одделение ти кажав учи сине за себе, не за оценки. Летна времето. Моето прваче на кое му велев, ќе те оставам на раат кога ќе дипломираш, денес стана дипломиран економист. Понекогаш знаеш да се пошегуваш и да кажеш, мамо ние заедно пораснавме, па кога ќе помислам дека на овој свет те донесов со штотуку наполнети 20 години, има малку вистина во тоа. Но ти направи мојот живот да има смисла, секоја твоја насмевка, успех. Една мисла водилка, една желба горела и гори во мене, да си среќен и да станеш свој човек мило мое и запомни парчето хратија не ти дава тебе вредност, ти треба да ѝ дадеш вредност на таа диплома. Ти честитам сине и те сакам неизмерно. П.С. Те излажав, мајките никогаш не ги оставаат на раат своите деца“, напиша Маја на „Инстаграм“.
Вукичевиќ, беше една од најпопуларните македонски пејачки пред дваесетина години, кога македонската сцена беше во експанзија. Таа ги испеа хитовите „Зборови“, „Признавам“, „Јас“, „Не се плашам“, „Фама“ и други.
Текстот (Фото) Маја Вукичевиќ: Мајките не ги оставаат на раат своите деца е превземен од Reporter.mk.