Голманот на „Шкупи“, Игор Алексовски, денеска се ожени со својата долгогодишна девојка Тијана Николовска. 24-годишниот голман сподели слика од свадбата со порака „Штотуку венчани“. Двојката се венча во црквата „Св. Петар и Павле“, а вечер ќе прават свадба во еден скопски ресторан.
За свадбата Игор избра црн елегантен костум со машна пеперутка, а невестата е облечена во фустан од тантела со длабоко деколте и вел на главата.
Игор и Тијана беа во врска седум години пред тој да ја побара за жена. Тие често на социјалните мрежи споделуваат заеднички слики од нивните патувања, но и од приватниот живот. Тијана минатиот викенд правеше голема моминска забава со другарките во Белград, а Игор имаше момчешка забава во Скопје.
Инаки, Игор од неодамна е и еден од голманите на македонската фудбалска репрезентација. Тој претходно бранеше за репрезентацијата на Македонија до 21 година на Европското првенство што се одржа во Полска во 2017 година. Кариерата ја почна во „Македонија Ѓорече Петров“ во 2012 година, а од 2016 до 2018 бранеше за „Вардар“. Лани Игор потпиша договор за „Шкупи“.
Текстот (Фото) Се ожени голманот Игор Алексовски е превземен од Reporter.mk.