Фудбалерот Езџан Алиоски избркан од ресторан во Прилеп!

Македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски и фудбалер на англискиот клуб Лидс, денеска бил избркал од ресторанот „Ла Страда“ во Прилеп, поради тоа што тој и неговите најблиски зборвал на албански јазик.

„Навистина сум фрапиран од тоа што се случи во Прилеп. Видете јас играм за репрезентацијата на Македонија, доаѓам од Англија со цел да играм со радост за оваа селекција а еве што доживувам тука. Имено кога со своите најблиски говорев на својот мајчин јазик, инаку не кријам дека сум Албанец, дојде еден човек и ми рече да го напуштам ресторанот само поради тоа што слушна на кој јазик јас комуницирам со своето семејство. Навистина немам зборови, на никого ова не го посакувам“, изјавил Алиоски.

„Потоа видоа дека сум јас, сфатија дека всушност сум фудбалски репрезентативец и одеднаш се создаде и место во ресторанот. Се извинуваа, но беше доцна за извинување. Не сакавме тука да останиме затоа што бев со пријатели и со моите родители и сите се чувствувавме непријатно и посрамено“, додаде Алиоски.

 Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се огласи по информацијата дека репрезентативецот Езџан Алиоски бил избркан од ресторан во Прилеп, откако вработените слушнале дека тој како гостин во локалот разговарал на албански со членови на неговото семејство.

„ФФМ најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор, Езџан Алиоски. Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата“, се вели во реакцијата на фудбалската федерација.

Во неа се додава дека сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се наши најголеми амбасадори и заслужуваат секаква почит.

„Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување! Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“, истакнуваат од ФФМ.

Извор/Фото/Спортски.мк

Текстот Фудбалерот Езџан Алиоски избркан од ресторан во Прилеп! е превземен од Reporter.mk.