Глумицата и поранешна Мис на светот, Пријанка Чопра и пејачот Ник Џонас вчера се венчаа во палатата Умаид Баван во индиската покраина Џодпур. Тие се венчаа со сите индиски обичаи, а се венчаа и според католичките обичаи. По венчавката, двајцата на социјалните мрежи објавија слики од свадбата и напишаа дека се пресреќни оти ги споија традициите, верата и културите на двете земји од кои потекнуваат.
Пријанка за венчавката според хинду обичаите носеше шарена венчаница од познат индиски дизајнер. За католичката венчавка, таа и Ник беа облечени во креации на светски познатиот дизајнер Ралф Лорен, кој е нивни заеднички пријател.
Пријанка и десет години помладиот Ник се во врска помалку од една година, а се верија пред неколку месеци. Магазинот „Форбс“ лани ја прогласи Пријанка за една од стоте највлијателни жени на планетата. Таа во 2000 година беше избрана за Мис Индија и Мис на светот. Потоа градеше кариера во Боливуд, а од пред неколку години има успешна актерска кариера и во Холивуд. Ник, пак, има успешна музичка кариера. Тој неколку години беше дел од бендот „Џонас брадрс“ во кој пееше со своите браќа, а сега гради соло кариера.
Текстот (Галерија) Боливудска свадба за Пријанка Чопра и Ник Џонас е превземен од Reporter.mk.