Еден од најдобрите светски фудбалери, Кристијано Роналдо, носи уникатни, рачно нацртани патики што за него ги направи македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски. Дизајнот на патиките го избра самиот Роналдо, откри Сатја за „Репортер“.
„Патиките ги цртав една недела, работев речиси без престан. Од надворешната страна е исцртан ликот на Кристијано, а внатре, како силуети, се неговиот препознатлив став кога прославува голови и кога изведува слободен удар. Секако, нацртан е и неговиот препознатлив знак CR7. Патиките се во црно-бели тонови, како боите на неговиот клуб ‘Јувентус’, а претходно и ‘Реал’. Тој сакаше класичен дизајн, па затоа нема боја на патиките. Со мојот тим на патиките ги испишавме и зборовите PEROLA (кој доаѓа од зборот pearl – бисер) и MADEIRA – името на португалскиот остров од каде што потекнува Роналдо. Тоа е всушност слоганот на островот, дека е бисер на Португалија“, ни раскажа Сатја.
Македонскиот дизајнер претходно рачно им нацрта уникатни патики и на други светски спортисти: Серхио Рамос, Тигран Барсегјан, Богдан Богдановиќ, Хенрик Михтарјан, Тимур Дибиров, Жоан Кањељас, Андреа Лекиќ, Амандин Лејно, а неодамна направи патики и за пејачката Дуа Липа.
Текстот (Галерија) Кристијано Роналдо носи патики од македонски дизајнер е превземен од Reporter.mk.