Горан Бреговиќ вечерва во Скопје ги донесе „Трите писма од Сараево“. Роденденски концерт на легендарниот музичар, кој иако не ја наполни арената „Борис Трајковски“, сепак направи вистинска фешта. Од моментот кога трубачите влегоа од позади публиката во салата, со што и почна концертот, преку песната “Изгубено јагне”, една стара народна српска која звучеше перфектно во салата, до роденденска песна која му ја свиреше Филхармонија, а на цел глас му ја пееше публиката во салата. Торта немаше, ама имаше многу нова и добра музика.
„Долго не сум бил во Скопје. Убаво ми е тука последниве три дена. Ќе свирам многу нова музика“, рече Бреговиќ. Се пее и џез и блуз. Се пее и на англиски, ама среде песните, модерни, се вклучуваат трубачите за пак се да звучи во стилот на Бреговиќ. На концертот има тројца виолинисти солисти, од Тунис, Белград и Израел. Тројца се оти проектот се вика “Три писма од Сараево”.
Бреговиќ ја раскажа приказната како настанал целиот проект. “Новинарка од CNN отишла на ѕидот на плачот во Ерусалим за да запознае еден старец што се молел таму секој ден 60 години. Кога го прашала што зборува со Бог, тој и рекол – зборувам за да прекинат војните меѓу Евреите, муслиманите и христијаните“. Од тука тргна и музичката приказна која вечрва во Скопје ја раскажа Бреговиќ.
По ова следеа трите писма, пренесени во музика, прво еврејското, па второто писмо кое е муслиманско и го свиреше виолонистот од Тунис, за на крај да одекне христијанското писмо. На моменти музиката звучи како да е филмска, а публиката се претопува во секоја негова песна.
Но, кога на сцената ја свиреше “Ерделези“, публиката беше во транс. Славната ромска песна од филмот на Кустурица, “Дом за бесење“, Брега вели дека ја напишал во Скопје. Како и да е, музика за душа, одличен концерт, оти ова сепак е Бреговиќ. Организатори на концертот се „Авалон продукција“.
Редакција „Репортер“
Фото: Д. Перковски
Текстот (Галерија) Од ѕидот на плачот до музика за душа- Бреговиќ има одличен роденденски концерт во Скопје е превземен од Reporter.mk.