“Осмели се, биди свој… Тој што не ја прифаќа твојата различност не е вреден да е покрај тебе”. Со стихови од нејзината втора книга “Неописливо” Данијела Мартиновиќ го почна концертот во Скопје… Публиката ја пречека со силен аплауз и запеа со неа уште од првата песна “Зовем те ја”…
“Знаете ли дека сите вие сте љубов моја” – ја заврши Данијела песната и ја купи публиката на прва. Таа ги раскажува нејзините музички приказни, а публиката цело време аплаудура во ритамот на музиката и пее со хрватската ѕвезда.
Се забавува и Данијела, не крие дека и е убаво по скоро десет години на првиот концерт во Скопје. Пее љубовни песни, и вели, вечерва е во чест на Денот на заљубените. Има од се по нешто – и џез и далматински звуци, и самба и румба во познатите рефрени на нејзините поп-хитови.
“Знаете, бев несфатена, во еден момент, бев напуштена и сама, и сфатив дека во мојот живот вие не сте само број, туку причината зошто го правам ова и зошто живеам. Живеам за вакви вечери. Ви благодарам што постоите”, им рече таа на присутните.
Никој не е рамнодушен на нејзиното пеење, на поезијата што ја рецитира, на анегдотите што ги споделува со публиката, малку тага, малку насмевки и љубов. Со многу емоции се сети на нејзините најдраги луѓе, на неколку живи, но и починати музичари што оставиле белег на нејзината кариера. На Кемал Монтено, на Ѓорѓе Новковиќ, Арсен Дедиќ…
Весело е на концерот на Данијела. Таа ги соблече салонките за да игра. И публиката игра, се журка на брзите песни, ги пее баладите. Нека ми не сване, Овако не могу даље, Плеши са мном…, се редат хит по хит.
“Не сакам да заврши оваа волшебна вечер”, вели Данијела, а публиката со овации како да сака да и покаже дека не сакаат ни тие да заврши концертот на далматинската пејачка. Организатор на концертите на Данијела во Скопје е “Евентум”
Редакција: Репортер
Фото Д. Перковски
Текстот (Галерија) “Тој што не ја прифаќа твојата различност не е вреден да е покрај тебе”, многу љубов на концертот на Данијела Мартиновиќ во Скопје е превземен од Reporter.mk.