Откако македонскиот документарен филм „Медена земја“ вчера не освои „Оскар“, креаторите на приказната за Атиџе им се заблагодарија на сите што ги поддржуваа цела година и што безрезервно навиваа за филмот. Велат, приказната за последната пчеларка и нејзината порака „земи половина, но половина остави“ не оставила никого рамнодушен, а дека тие се среќни што пораката ја пренеле на светот.
„Сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. И покрај тоа што ‘Медена земја’ не доби ‘Оскар’, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници што знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за ‘Оскар’. Кога го промовиравме филмот на фестивалот ‘Санденс’, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа. Би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда Атиџе Муртова, што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“, напишаа, меѓу другото, тие.
И главната хероина на документарецот, Атиџе Муртова, по Оскарите од Лос Анџелес испрати порака.
„Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“, вели таа.
За потсетување, на 92. доделување на наградата Оскар што се одржа ноќеска во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, „Медена земја“ беше номиниран во две категории, за најдобар документарец и за странски филм.
Текстот И без „Оскар“ ја пренесовме пораката „Земи половина, остави половина“ е превземен од Reporter.mk.