Интревју со Дејвид Герет: Возбуден сум, доаѓам во Македонија со невидено шоу на 300 години стара виолина

Германскиот виолинист Дејвид Герет (39) на 25 септември првпат ќе одржи концерт во Македонија. И во Скопје, како и секаде во светот, тој ќе свири на својата 300 години стара виолина, што во 1716 година ја направил еден од најголемите мајстори, Страдивариус. „За мене е огромна чест што можам да свирам на ваква виолина, оваа привилегија ја имаат малкумина“, вели за „Репортер“ познатиот музичар, кој ни откри и дека со нетрпение очекува да ја запознае македонската публика.

„Очекувајте огномет од одлична музика и многу емоции. Со мојот бенд подготвивме спектакуларна програма, комбинација од класична и поп музика. Ќе ги споиме најдобрите песни од последните децении, меѓу кои Smells like Teen Spirit од Нирвана, Viva la Vida од Колдплеј и Purple Rain од Принц, познати класични дела и некои од сегашните светски хитови. Очекувајте неверојатно шоу, комбинација од класика, преку рок и џез, до филмски теми. Возбуден сум што доаѓам во Македонија. Сигурен сум дека ќе биде прекрасно. Едвај чекам да се сретнам со сите прекрасни луѓе што ќе дојдат на концертот. Мислам дека ќе имам и време да се прошетам низ Скопје кога ќе стигнам. Тоа е одличен начин да се опуштам пред концертот“, рече Герет.

Популарниот музичар секогаш има подготвена листа на песни што ги свири, но многупати песните ги менува зависно од расположението и енергијата од публиката. А свири се: од Бах, преку Мајкл Џексон и Колдплеј, до Тејлор Свифт и Принц.

„Не свирам по некои строго утврдени правила, но постои сет-листа за која размислувам детаљно пред секоја нова турнеја. Сакам на фановите да им приредам фантастично шоу, па затоа се е извежбано и подготвено со цел да имаме забавен, убав музички настан. На сегашното шоу, она со кое ќе се претставам и во Скопје, работевме една година и имаме впечатлива видео-инсталација, која совршено се спојува со музиката. Но, секогаш постои можност за спонтаност, што ми е важно, зашто во тие моменти можам најмногу да се поврзам со публиката“, раскажува виолинистот.

 

Музичкиот талент на Дејвид го открил неговиот татко уште додека бил дете. И додека децата си играле надвор и оделе на училиште, тој вежбал на својата виолина. За разлика од неговите врсници, тој се школувал дома со приватни професори. На 13 години го потпишал првиот професионален договор, и тогаш не бил свесен колку тоа ќе му го смени животот. Повеќе од 25 години подоцна, Герет свири секаде во светот и вели дека не жали за ништо во животот.

„Не би направил ништо поинаку, затоа што тогаш мојот живот би бил различен. А ми се допаѓа мојот живот, мислам дека на крајот се излезе совршено. Кога го потпишав првиот договор за снимање не разбирав колку е големо тоа што почна да ми се случува. Виолината е многу скромен инструмент – тешко е да научиш да ја свириш. А јас бев благословен и среќен што од дете можев да работам со најдобрите музичари како Зубин Мехта и Јехуди Менухин. Денес мислам дека свирам и снимам со уште поголема страст од претходно. Како што растам и созревам, така животот добива подлабоко значење, а и музиката“, вели тој.

За Герет е привилегија што свири на 300 години стара виолина од Страдивариус. Инструментот го купил пред многу години и тогаш на виолината ѝ го дал името Адолф Буш, по познатиот германскиот виолинист и композитор кој претходно свирел на неа.

„Имав среќа да запознаам човек што ја имаше виолината и го прашав дали може да свирам малку на неа. Веднаш се поврзав со инструментот и за среќа, успеав да го купам. За мене е огромен луксуз и чест што можам да свирам на оваа виолина. Ова е привилегија што ја имаат малку музичари“, ни откри Дејвид.

Иако повеќе од 30 години свири постојано, музиката никогаш не му здосадила. Признава дека понекогаш е изморен од самото свирење, но само кога по два-три часа вежбање или свирење на концерт, прстите почнуваат да го болат. А кога ќе ги заврши сите обврски, сака да биде сам, да се одмори и да размислува за иднината.

„Не сум еден од оние луѓе на кои секогаш им треба некој покрај нив. Сакам тишина. А во тишината ми се раѓаат секакви мисли и добивам желба да направам нови работи. Тогаш ги добивам најдобрите идеи за следните песни, турнеи, за музиката што ја снимам. И кој знае, можеби и во Македонија ќе добијам инспирација за некоја нова музика“, ни рече Герет.

Андријана Јовановска

Текстот Интревју со Дејвид Герет: Возбуден сум, доаѓам во Македонија со невидено шоу на 300 години стара виолина е превземен од Reporter.mk.