Јане Велковски (11), кој е застапник на децата со попреченост од Македонија, ќе зборува за правата на децата на Светскиот ден на детето во Обединетите нации во Њујорк. Тој, како амбасадор на УНИЦЕФ, ќе биде едно од децата од целиот свет што ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.
„Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Среќен сум што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот,“ вели Јане.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел исполнет со музички настапи, учество на амбасадори на добра волја и креатива. Тој заедно со четири деца ќе учествува во панел дискусијата „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.
„Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека како и секое дете, децата со попреченост имаат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес кон инклузивни и одржливи општества за сите“, вели Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето. Овој ден се поклопува со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето.
Текстот Јане Велковски ќе зборува за правата на децата на самит на Обединетите нации е превземен од Reporter.mk.