Кејт Мидлтон и Меган Маркл денес во Лондон ќе го гледаат женското финале на Вимблдон во кое ќе игра Серена Вилијамс, блиска пријателка на војвотката од Сасекс. Ова е првпат јатрвите да се појават заедно во јавност, а да не се придружувани од нивните мажи, принцовите Вилијам и Хари.
Меган и Кејт пристигнаа на Вимблдон пред еден час, пишува „Мирор“ и тие најпрво се сретнаа со некои од момчињата и девојчињата што ги собираат топчињата, а потоа и со неколку поранешни шампионки на еден од четирите Гренд слем турнири.
Стилистите, пак, го прокоментираа стилот на двете жени. Напишаа дека ни овој пат не потфрлиле со изборот на облека, Кејт со едноставниот бел фустан со ситни набори и Меган со белите панталони во комбинација со сино-белата кошула.
Двете војвотки пред женското финале ќе го гледаат и крајот на полуфиналето меѓу Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ што беше прекинато вчера. Во женското финале Серена Вилијамс ќе игра против Германката Анжелик Кербер.