Карлеуша ексклузивно за „Репортер“: Лага е дека Боки 13 ми должи пари

Откако српскиот весник „Курир“ вчера пишуваше дека Боки 13 го рекетирал Орце Камчев за 1,5 милион евра, бидејќи толку пари ѝ ги должел на фолк-ѕвездата Јелена Карлеуша, пејачката ексклузивно за „Репортер“ демантира дека му дала пари на Бојан Јовановски и вели дека пишувањата се лага. Таа додава дека никогаш не му позајмила пари на Бојан, но и дека ѝ е жал за се што му се случува во моментов.

„Информациите што ги прочитавте во српските медиуми се апсолутна груба лага. Бојан никогаш од мене не позајмил пари. Никогаш ништо не ми должел, ниту имам сознанија дека му е должен некому во Србија. Се што можам да кажам за Бојан е дека отсекогаш самиот си плаќал се, никогаш никој не му го платил дури ни ручекот. Многу ми е жал за се што се случува и се надевам дека Бојан ќе има јасна и цврста одбрана на своето име. Туку никој не е ни луд ни глупав, јасно е дека работите не се такви како што изгледаат и дека Бојан е жртвено јагне на многу посериозна група луѓе. Се надевам дека ќе има фер судење“, рече Карлеуша во изјавата за „Репортер“. 

За потсетување, Јелена и Боки 13 се познаваат долги години, а тој беше близок и со нејзината покојна  мајка Дивна Карлеуша.

Бојан е првоосомничен во случајот „Рекет“, бидејќи од бизнисменот Орце Камчев изнудил 1,5 милиони евра во кеш, со уверување дека ќе му помогне во неколку судски процеси што се водат против него. Тој пред еден месец беше уапсен на граничниот премин „Богородица“. Во моментов Јовановски е во притвор во затворот „Шутка“. Пред една недела се појави и снимка на која се гледа како Боки 13 ги зема парите од Камчев.

К. Ландов

 

Текстот Карлеуша ексклузивно за „Репортер“: Лага е дека Боки 13 ми должи пари е превземен од Reporter.mk.