Денеска во селото Галичник почнува 45. Галичката свадба. Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа која има потекло од Галичник и Златко Димовски, кои се избрани во конкуренција од четири пара. Тања од својата петта година учестува на манифестацијата, а Димовски неодамна рече дека е подготвен за големиот ден и дека добро ги научил сите обичаи што се белег на Галичката свадба.
Во време на свадбарските денови ќе се одржат 30 обичаи, а црковната венчавка ќе се одржи утре во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи, вкупно околу 250 луѓе.
Агенцијата за поддршка на туризмот ја прогласи Галичката свадба за најуспешна туристичка манифестација за минатата година. „Њујорк тајмс“ и „Нешнал џиографик“, пак, ја прогласија за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.