На социјалните мрежи луѓето масовно почнале да се простуваат од легендата на народната музика Синан Сакиќ, кој почина рано утрото во петок, на 1 јуни, на 62-годишна возраст.
Најтажна е неговата ќерка Џулкица Сакиќ Амзиќ, која сподели фотографија со својот татко додека бил во болничка постела. Со фотографијата таа сподели и емотивна порака.
„Сè што вредеше, исчезна… Ангеле мој“, напишала Џулкица.
„Никогаш нема да сакам некого како што те сакав тебе! Фала што сум твоја ќерка, фала што си мој татко! Јас се простувам од тебе. Јас со тебе почнав некој нов вид комуникација само нам познат. Имав, имам и ќе го имам најдобриот татко на светот! Фала за целата несебична љубов, фала за секој суров реален разговор кој само ти умееше да го кажеш на најнежен начин. Фала што секогаш имаше време за нас. Фала што имаше разбирање за секој мој момент на незрелост. Фала што нè изведовте на вистинскиот пат. Фала што ти и мама ми го подаривте најдоброто братче на цел свет. Фала што го имав најубавиот детски живот. Фала што ме научивте да сакам. Вакви „фала“ во душата имам уште милион. Само сакам да ти ветам дека ќе бидеме добро. Ќе бидеш горд на нас. А јас ти ветувам дека ќе успеам. Дека ќе бидам добро. Дека никогаш нема да скршнам од патот и дека секогаш ќе те носам во мене. Затоа што секој дел од мене е твој. Тоа си ти. Те сака твојата малечка“, напишала Џулкица.
Сакиќ на 27 април беше примен во Клиничкиот центар. По испитувањата лекарите утврдиле дека му е потребна трансплатација на црниот дроб. Потоа беше префрлен во приватна клиника.
На Синан минатата година му вградиле стент во жолчните канали, но лекарите од Италија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска по редовните прегледи утврдиле дека тоа не е трајно решение и дека ќе мора да му направат трансплантација на црниот дроб.