Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ го украде Мундијалот во Русија, пишуваат светските медиуми. Таа стана миленик на фудбалските фанови ширум светот заради непосредноста, емоциите со кои навиваше за својата репрезентација и начинот на кој се радуваше на секоја победа со нив. Медиумите ја нарекоа Колинда дванаесетти играч на Хрватска.
Фотографиите од Колинда, облечена во хрватски дрес, додека навива за својот тим, го обиколија светот и таа стана еден од најпопуларните светски политичари во светот. По финалето Колинда беше во центарот на вниманието додека заедно со францускиот претседател Макрон ги гушкаше играчите на двете репрезентации. Иако за неколку минути накисна на дождот не престануваше да се смее и да ужива во секој момент со фудбалерите.
На Трамп и на Путин им подари коцкести дресови со нивните имиња. Не пропушти ниеден натпревар на Светското првенство, освен полуфиналето против Англија оти беше на самитот на НАТО во Брисел, а победата ја прослави со неколку селфи слики со светските лидери.
Грабар-Китаровиќ е родена на 29 април 1968 година во Риека. Од 1996 година е во брак со Јаков Китаровиќ. Има две деца, ќерката Катарина и синот Лука.
Колинда една година учела во средното училиште Лос Аламос во Ново Мексико, а студирала во Загреб, Виена, Вашингтон и Харвард, пред да ги заврши докторските студии во Хрватска. Таа е магистер по меѓународни односи на факултетот за политички науки во Загреб.
Таа е првата жена претседател на Хрватска, функција на која е од 2015 година. Од 2011 до 2014 година Грабар-Китаровиќ работи како помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО. Таа е првата жена помошник генерален секретар на НАТО. Пред тоа е министер за европски работи и министер за надворешни и европски работи во владата на Иво Санадер. Три години била и хрватски амбасадор во САД. Колинда е член на конзервативната партија „Хрватска демократска заедница“ од 1993 година и е еден од тројцата хрватски членови на Трилатералната комисија.
Колинда течно зборува хрватски, англиски, шпански и португалски, а разбира германски, француски и италијански јазик.
Претседателката на Хрватска има инстаграм-профил кој го води самата, а заради бројните објави, искреноста и приватните слики со кои го споделува своето секојдневие, таа е еден од политичките миленици во земјата, пишуваат медиумите.
Текстот Колинда како 12 играч на Хрватска го украде Мундијалот е превземен од Reporter.mk.