Британската кралица Елизабета II преку божикнна порака до англиската јавност изјави дека изминатата 2018 година била богата за неа и нејзиното семејство. Со две венчавки, две бебиња и едно кое е на пат, кралицата вели дека 2018 година била преполна со обврски.
„Двете венчавки и двете внучиња кои ги добивме годинава направи оваа баба да има многу обврски“, изјави кралицата.
Кралицата Елизабета исто така соопшти дека постигнала одредена количина на мудрост за време на своите 92 години.
„Некои култури веруваат дека долгиот живот носи мудрост. Јас би сакала да верувам во тоа. Можеби дел од таа мудрост е да се препознаат некои од животните парадокси, како и тоа дека човечките суштества имаат огромна количина на склоност кон нешто добро, но сепак и капацитет за зло“, вели кралицата во снимената божиќна порака.
Годишната божикна порака била емитувана во 53 земји од Комонвелтот на нации, а била емитувана по службата во црквата „Света Марија Магдалена“ на која присуствувале кралицата и членовите на кралското семејство. Кралското семејство било дочекано со поздрави од луѓето кои се собрале да ги видат.
Кралицата пристигнала во лимузина до црквата, додека помладите членови на семејството пристигнале пешки од имотот Сандригем, каде кралското семејство традиционално ги минува божиќните и новогодишни празници.
Членовите на кралското семејство ги предводел принцот Чарлс, а следеле синовите принцот Вилијам со сопругата Кејт Мидлтон и принцот Хари со сопругата Меган Маркл. По 45 минутната служба за време на традиционалниот божиќен ручек, собраните им подарувале цвеќиња.
Сопругот на кралицата Елизабета, принцот Филип, кој има 97 години и кој се повлекол од јавниот живот, не присуствувал на службата. Сопругата на Чарлс, која во моментиве се опоравува од настинка, исто така не присуствувала во црквата.
Во палатата останале и трите деца на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, петгодишнот принц Џорџ, тригодишната принцеза Шарлот и осумесечниот принц Луи.
Кралицата Елизабета својата прва Божиќна порака ја дала преку радио во 1952 година. Пораката преку телевизија, упатена до граѓаните ја дала во 1957 година. Оттогаш секоја година освен во 1969 година, таа секоја година излегува пред јавноста со божиќни пораки.
Кралицата оценила дека кралското семејство во 1969 година пречесто се појавувало на телевизија, па божиќната порака таа година ја објавила во пишан облик.
Текстот Кралицата се пофали: 2018 година беше семејно богата за мене е превземен од Reporter.mk.