Пејачката и претседател на здружението „Проект среќа“, Кристина Арнаудова, на интернационалниот ден за борба против сиромаштијата откри дека и самата растела во социјално семејство. Таа одржа говор на конференцијата за деца со помалку можности „Самит на детски желби“, на која присуствуваа деца од социјално ранливи семејства од цела Македонија.
„И јас бев дете во социјален ризик и си ветив себеси дека кога ќе пораснам, ќе најдам начин да им помагам на децата што имаат потреба, децата како мене“, рече Арнаудова.
Ова е првпат во Европа да се органира настан каде што гости и главни говорници се само деца од социјални семејства. Децата говореа за сите предизвици со кои се соочуваат секојдневно, за нивниот живот, но и за силата што ја наоѓаат во себе за да се борат, да бидат одлични ученици и да се приклучат да се создаде подобар свет за сите деца.
„Идејата на овој настан е децата да бидат центар на вниманието, тие да бидат ѕвездите, да им дадеме до знаење дека тие ни се најважни и дека без нив не можеме да создадеме подобро општество. Им покажавме дека не се сами“, велат организаторите, кои со ова го одбележаа 17 Октомври, меѓународниот Ден за борба против сиромаштијата.
Модератор на настанот беше Ивана Хаџиевска. На конференцијата зборуваа девет деца од социјално загрозени семејства, а говореше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. На конференцијата присуствуваа и холандскиот амбасадор Воутер Пломп, заменик-министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, претставник од УНИЦЕФ и членови од неколку здруженија што се занимаваат со оваа проблематика.
Текстот Кристина Арнаудова: Бев дете од социјално семејство е превземен од Reporter.mk.