Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доцна синоќа, во три чесот по полноќ, на Фејсбук објави, како што вели, проглас до неговата партија. Меѓу другото, тој напиша дека кога ВМРО-ДПМНЕ е на колена, на колена е и Македонија, но и кога ВМРО-ДПМНЕ е силно и исправено, исправена и силна е и Македонија.
„Иако верувам дека и без ова мое предупредување ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи спротивното, сепак, сакам да испратам еден проглас до мојата партија, а во врска со политичкиот прогон против мене и политички мотивираната и диригираната пресуда против мене објавена деновиве од Апелациониот (читај: политичкиот) суд во Скопје, поврзана со набавката на безбедносно заштитено возило пред 6 години. Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала отстапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, Ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог“, напиша Груевски, обраќајќи им се на своите сопартијци.
Тој додава дека кога во 2003 одлучил да го превземе кормилото на ВМРО-ДПМНЕ бил целосно свесен како на предизвикот и честа, така и на ризиците да се биде на чело на оваа партија и организација, која е главен носител и бранител на македонизмот, суверенизмот на земјата, браник на интересите на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во неа.
„Над нас натежнаа тешки облаци и предизвици. Треба да се справиме со тоа и секогаш на прво место да ни биде општиот и заеднички интерес на нашата држава, нашиот народ и нација. Индивидуалните и лични предизвици и ризици, не смеат да го доведат во прашање претходното. ВМРО-ДПМНЕ мора да носи одлуки кои се најдобри и најисправни за Република Македонија, македонската нација и сите граѓани на Република Македонија“, вели Груевски.
Јас и мојата судбина, додава тој, политичкиот прогон против мене, изживувањето и „лечењето“ лични фрустрации и суети со прогонот и малтретирањето на мене, етикетирањето без основ до ниво на жигосување, казнувањето без вина, сето тоа е второстепено и јас тоа ќе го истрпам, ќе го издржам, ќе се справувам и ќе се борам колку што можам, со целосна подготвеност за плаќање на цената за тоа, независно дали таа се однесува на моето достоинство и углед, на мојата слобода или на мојот живот.
Знам дека моите деца, пишува Груевски, независно колку денес на оваа возраст го разбираат сето тоа, кога ќе пораснат и самостојно ќе расудуваат, кога ќе научат и проучат за нашата борба и идеали, дека правилно ќе разберат се, вклучувајќи ги сите последици кои ги трпат и ќе ги трпат.
Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека за речиси 15 години дал сè што е во негова моќ до последен атом за да помогнам Македонија да оди напред, и народот да има подобар живот. И таа моја мисија, вели Груевски, ја извршив чесно, одговорно и достоинствено.
„Затоа денес со крената глава и чист образ се движам насекаде низ Македонија а мнозинството од мојот народ го почитува мојот вложен труд и секојдневно движејки се слободно низ градовите и меѓу народот, насекаде, убедливото мнозинство граѓани, спротивно на безбројните потплатени негативни натписи и прилози против мене, на медиумите контролирани од актуелната власт, ми изразува почит и благодарност. Ништо повеќе и не очекувам од тоа. Ова има уште поголемо значење кога ќе се каже дека веќе со години сум предмет на досега невидена во нашата историја платена и организирана валкана пропаганда за мое оцрнување, деградирање, понижување и жигосување. Две и пол години откако не сум премиер, скоро една година одкога сум речиси целосно политички пасивен, се плашат да запрат со медиумската хајка против мене, која само е покритие на организираната политичко судска кампања против мене. Попусто им е. Не можат да ме скршат. И нема да ме скршат“, вели Груевски.
Тој ѝ порача на актуелната власт: „На власт се доаѓа и се заминува. Во затвор се влегува и се излегува. Пари се заработуваат и се трошат. Политичка подршка се добива и се губи. Мандати почнуваат и завршуваат. Но, достоинството кога се губи, се губи засекогаш. Тоа го губат тие кои полни со омрза ме прогонуваат и неможат да се помират дека неможат да ме скршат, иако пробаа се, буквално сè. Бесни се, ќе им дојде крајот“.
Текстот „Лечат фрустрации на мене, од затвор се излегува“, кажа Груевски во три по полноќ е превземен од Reporter.mk.