Глумецот Леонардо ди Каприо во интервјуто за магазинот „Оригинал“ вели дека уште од мал е научен да се грижи за планетата Земја и дека инспирација за негување на природата добил од неговите родители. Актерот е голем борец против климатските промени и неговата фондација има донирано преку 100 милиони долари во борбата против овој проблем. Тој има одржано и неколку говори во Обединетите нации со цел подигнување на свеста кај луѓето против овој проблем.
„Уште како млад бев загрижен и посветен на зачувување на природата и планетата Земја. Моите родители ме научија колку е важно да се грижиме за планетата на која живееме и да ги почитуваме сите суштества на неа. Тие ме воспитаа секојдневно да се погрижам за ѓубрето кое го оставам зад себе. Отпадоците да ги фрлам во корпа, да се грижам за садниците во домот и често да користам јавен превоз. Тие се тие кои ме научија како да се грижам за планетата Земја“, вели Ди Каприо.
Лео вели дека е инспириран од младите активисти ширум светот, кои се решени да истраат во битката против политиките на светските политичари и нивниот однос и нерешителност за преземање некаква акција против климатските промени. Тој е горд што сè повеќе млади лица вложуваат дополнителни напори и труд за да му дадат значење на овој проблем, со кој се соочуваат сите луѓе на планетата. Оскаровецот нагласи за важноста на природата на планетата Земја и грижата за нејзино зачувување.
Ди Каприо има снимено голем број документарни филмови за климатските промени. Има патувано на различни места низ светот и вели дека се соочил со голем број девастации на природната средина.
„Бев на Арктикот, Пацификот и на многу далечни предели. Посетив тропски шуми и бев сведок од прва рака на голем број непријатни случки и уништување на природната средина“, вели Ди Каприо.
Тој вели дека имал голем број средби со автохтони народи, за работите кои тие ги доживеале, но и нивниот отпор, сила и одлучност да го возвратат ударот.
„Тоа е тоа што дополнително ме мотивираше за да ја спасиме нашата планета. Секој од нас може и мора да дејствува поединечно и да направи нешто за сите ние утре поубаво се чувствуваме. Можеме да помогнеме со вклучување во локалната политика. Можеме да ги бираме лидерите кои ќе донесат закони и ќе ги поддржуваат политиките за заштита на Земјата и луѓето во неа. Инспириран сум од големиот број млади луѓе кои го креваат својот глас ширум светот. Тие стануваат сè погласни во изразувањето на својата грижа за планетата. Се активираат и бараат од одговорните, пред сè политичарите, посериозно да се занимаваат со борбата против климатските промени.
Ди Каприо вели дека е импресиониран од залагањата на младата шведска активистка Грета Тунберг. 16-годишната тинејџерка која го сврте вниманието кон себе со своите говори и негодувања против климатските промени. Нејзината акција се претвори во масовни протести на младите ширум светот и стана сериозен и влијателен проект. Таа беше номинирана и за Нобелова награда за мир.
„Нема никаква дилема за иднината. Она што треба е да се замислиме и загрижиме за тоа што нè чека во иднина. Без моментална акција за спречување на најлошите ефекти од климатските промени и нивното спречување истите да станат трајни, се плашам дека иднината на нашата планета ќе биде таква, што луѓето повеќе нема да можат да ја наречат свој дом. Сепак, сум оптимист, особено кога ја гледам енергијата и силата кај младите луѓе кои целосно се посветуваат на ова прашање“, вели Ди Каприо.
Текстот Леонардо ди Каприо: Уште од мал се грижев за планетата Земја е превземен од Reporter.mk.