Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти FX-3X учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на 5 од вкупно 20 филмови што се најдоа во трката за номинација за „Оскар“ за 2019 година. Филмската академија на крајот на јануари ќе ги објави имињата на номинираните филмови и дали меѓу нив се и оние на коишто специјалните ефекти ги изработи македонската компанија. FX-3X работеше на дел од специјалните ефекти за филмовите „Одмазници: бесконечна војна“, „Црниот пантер“, „Паркот Јура: паднатото кралство“ и „Невозможна мисија – паѓање“ и на последниот филм на „Ди-си комикс“, „Аквамен“. Филмот вечерва ќе има премиера во киното „Синеплекс“ во Скопје, а светската премиера е закажана за 21 декември.
Кристијан Даниловски, косопственик на компанијата, откри дека на „Аквамен“ биле ангажирани 70 артисти во периодот од мај до октомври годинава и дека тие изработиле околу 200 кадри од филмот.
„Аквамен“ е во режија на Џејмс Ван, а главната улога ја игра Џејсон Момоа. Покрај него, во филмот настапуваат Амбер Херд, Вилијам Дефо, Патрик Вилсон, Долф Лундргрен и Никол Кидман. Филмот ја раскажува приказната за Артур, наследникот на подводното кралство Атлантида, кој мора да ја прифати улогата на крал и да го поведе народот против својот полубрат Орм, чија цел е да ги обедини седумте подводни кралства против светот надвор од водата.
Текстот Македонци креираа специјални ефекти за филмови во трката за „Оскар“ е превземен од Reporter.mk.