Македонци на велосипед од Велес до Истанбул

Дејан Митров (26) и Коста Тахов (39) од Велес возеа со велосипед од Велес до Истанбул и назад. Патеката долга 1.500 километри ја поминаа за четиринаесет дена, пишува „Дума.мк“. „Возевме по 120 до 200 км на ден, некогаш на силен ветар, неколку пати на невреме, а сепак само 3 пати ни се дупна гума по патот“, изјавија тие по враќањето во Велес. Дејан и Коста сами го финансираа своето патување кое го нарекоа авантура.

„Носевме торби полни со облека, вода, храна, шатори и други потребни работи. Прво одморивме во Дојран, од каде влеговме во Грција. По пат, по градовите и селата, сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука, на лице место. По патишта од асфалт, коцки, камења, земја, лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, борба со силен и константен ветар од спротивна насока, пренасочен сообраќај поради срушен мост, морбидни мрачни и длабоки клисури, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, стигнавме во Турција, каде не пречека гранична полиција и војска вооружени до заби“, рекол Дејан.

Велат, по патот најчесто бирале да застанат на места кајшто имало слаткарници. Возењето велосипед низ Истанбул, пак, го опишуваат како подвиг, оти им требала голема концентрација заради хаотичниот сообраќај во градот.

„Сообраќајот стануваше погуст и хаосен. По долго возење стигнавме кај нашиот пријател Волкан Дорткардеш, кој ни помогна да не ја промашиме зацртаната рута. Таму одморивме и ние и велосипедите“ додал Тахов.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.

 

Текстот Македонци на велосипед од Велес до Истанбул е превземен од Reporter.mk.