Македонскиот глумец Крис Петровски ќе игра една од трите главни улоги во филмот „Тапанарот“. Тој ќе глуми заедно со холивудската ѕвезда Дени Гловер („Смртоносно оружје“) и младиот глумец Сем Андервуд („Декстер“).
„Филмот е во пред-продукција. Мислам дека не се избрани ни сите глумци. Ќе почне да се снима кон крајот на годината. Возбуден сум пред новиот предизвик, пред сè што ќе работам со вистинска филмска ѕвезда како што е Дени Гловер“, рече Крис за „Репортер“.
Ова е досега една од најголемите улоги на Крис, кој во Америка стана познат по улогата на рускиот шпион Дмитри Петров во хит-серијата „Госпоѓа државен секретар“, каде што глумеше заедно со Морган Фриман, Теа Леони и Тим Дели.
27-годишниот Крис е роден во Битола. Неговото семејство се сели на Нов Зеланд, каде што пораснал. Откако добива стипендија за студира на престижната актерската школа „Стела Адлер“ во Лос Анџелес, заминува во Америка и почнува да си го пробива патот во филмскиот свет. По дипломирањето се сели во Њујорк за да го глуми ликот на Дмитри Петров. Оваа година Крис играше уште во неколку филмови меѓу кои „Брејкинг Бруклин“ и „Град во рајот“. Двата филма ќе имаат премиера на крајот на годината.
(А.Ј)
Интервју со Крис Петровски, Македонец што глуми во хит-серијата „Госпоѓа државен секретар“
Текстот Македонец ќе глуми во филм со Дени Гловер е превземен од Reporter.mk.