Македонец заштитно лице на „Армани“

Македонскиот модел Александар Златановски гради успешна кариера во Азија. Неполна година откако замина во Индија, тој стана заштитно лице на модната куќа „Армани“ и ги рекламира нивните часовници. Освен за светски познатиот бренд, слика и за „Најки“, „Рибок“, „Дизел“, „Левис“, „Фила“, а неговите фотографии ги има и на веб страниците на брендвите и во нивните каталози.

 

 

„За сега тоа се кампањи за интернет, кои ги сликаат два до три модели. Од ‘Армани’ ме ангажираа за да ги рекламирам нивните часовници од линијата ‘Армани ексчејнџ’. Среќен сум што добив пофалби за работата и што наскоро треба да сликам нова серија за оваа светски позната модна компанија“, раскажа Александар за „Репортер“.

Професионално со моделинг се занимава околу две години. Прво една година работел во Берлин, а потоа, преку неговата агенција „Моделс ИН“ заминал на кастинг во Белград.

„Таму им се допаднаа моите фотографии и ми понудија да се преселам во Индија. Долго размислував, не знаев ни како да им соопштам на родителите дека сакам да заминам во Азија, но сепак решив да го прифатам предизвикот. Одлуката се покажа исправна. Веднаш ја добив првата работа, а потоа клиентите почнаа сами да ме бараат“, вели тој.

Според Александар, ако еден клиент е задоволен од твојата работа, позитивните реакции стигнуваат веднаш и до агенцијата за која работи моделот, но и до другите познати модни куќи. Пофалбите од клиентите и професионалноста неодамна му донесоа работа во Сингапур, каде што сликаше за тамошни познати брендови.

 

„Веќе си ја поставив следната цел, да се обидам на модниот пазар во Турција и Кина, но тоа дури на есен, откако ќе ми заврши договорот во Индија“, рече тој.

А. Јовановска

ocessed with VSCO with c1 preset

Текстот Македонец заштитно лице на „Армани“ е превземен од Reporter.mk.