Александра Кочоска е успешна Македонка во Холивуд. Оваа 31-годишна девојка две сезони работи како продуцент на визуелни ефекти на хит-серијата Star Trek Discovery. Таа беше номинирана за престижната награда Visual Effects Society во категоријата визуелни ефекти во епизода.
„Во Америка заминав 2010 година и почнав да работам во Њујорк како бебистер. Имав желба да патувам и да ја видам земјата. По една о пол година работа, отидов да посетам другарка во Лос Анџелес, каде што го запознав мојот сопруг Анте Дековиќ, кој работи како супервизор за визуелни ефекти“, раскажува Александра за „Репортер“.
За да добие шанса во филмската индустрија, се запишала на УКЛА, од каде што има две дипломи, за бизнис-менаџмент во забавната индустрија и за развој.
„Програмата на УКЛА бара пракса директно во полето на интерес, па така дојдов до првиот проект, филмот White House Down со Џејми Фокс и Ченинг Тејтум, што беше извонредно искуство. Имав чест да учам и да се запознаам со работата преку супервизори со големо искуство. Клучен момент во кариерата беше кога го запознав Џејсон Зимерман, кој ми ја отвори вратата во светот на ТВ-сериите“, вели таа.
Оттогаш работела на пет серии: Crossbones, Sleepy Hollow, Limitless, True Detective, а сега на Star Trek Discovery.
„Продуцентот е човекот со парите. Работата има свои убавини и предизвици. За Star Trek работиме за компанијата Си-би-ес и соработуваме со многу компании што ги изработуваат кадрите. Една од нив е и нашата македонската компанија FХ3Х, која има фантастичен тим со кои имаме одлична соработка“, додава Александра.
Најголем предизвик како продуцент на визуелни ефекти ѝ е работата на Star Trek Discovery. Таа не работи на компјутерска изработка на визуелните ефекти, туку има свој тим, десетина луѓе чија работа ја надгледува и одлучува во која сцена ќе има каков ефект. Притоа внимава нивната работа да не го надмине буџетот со кој располага серијата за секоја епизода.
„Функцијата е највисока, ама и одговорноста е најголема. Но, ова е и работата што досега ми причинила најмногу задоволство. Привилегија е да бидете дел од семејството на Star Trek и да оставите свој печат во нивната историја“.
Александра за серијата лани доби номинација за наградата Visual Effects Society во категоријата најдобри ефекти во епизода.
„Номинацијата е извонредно признание. Среќна сум дека нашата работа е земена предвид во категоријата најдобри визуелни ефекти. Номинирани сме четворица: Џејсон Зимерман, Анте Дековиќ, Махмуд Рахнама и јас и имаме тим од стотици артисти, кои се темелот за успешен производ што публиката го гледа на малиот екран. Иако се надевавме на победа, имавме силна конкуренција, па наградата ја освои серијата ‘Игра на тронови’“, раскажа Александра.
Андријана Јовановска
Текстот Македонка главна во „Ѕвездени патеки“ е превземен од Reporter.mk.